понеделник, 8 декември 2025

Врачена државната награда „Св. Климент Охридски“ 2025 на годинашните добитници

Во Собранието денеска Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ беше врачена оваа награда на тројцата добитници за 2025 година.

Објавено на

часот

Сподели

Добитници на државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието е академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, а наградата за остварување во областа на културата и уметноста ја добиваат Живоин Глишиќ, композитор и Беди Ибрахим, ликовен уметник.

Одлуката за годинашните добитници на наградата ја донел одборот под претседателство на писателот Томислав Османли.

Во име на добитниците на наградата се заблагодари академикот Митевски, кој во својот говор истакна дека култура значи култивирање на духот, која е суштествена одлика на човечкото суштество.

„Наградата е голема, за мене би рекол и убава, затоа што го носи името на нашиот прв учител, на името на светец – Свети Климент Охридски. Не само основоположник на нашата црква, туку во исто време е и еден подвижник и основоположник на нашиот културен идентитет, на нашата култура. Кога зборувам за култура овде, јас ја доживувам она изворно значење на латинскиот збор ‘култура’, која значи во исто време и култура во широка смисла на зборот, но и образование кое го препознаваме во она наше култивирање, тоа е култивирање на духот. Култивирање на духот е суштествена одлика на човечкото суштество. Ние од другите живи суштества се разликуваме на разни начини, но можеби најмногу се разликуваме во однос на нив со нашата култура. Ние се создаваме самите себеси преку нашата култура. Културата има значење и на национален план, затоа што како некои наши преродбеници и други дејци од порано сфатиле дека културата е она што е суштествено за еден народ. Еден од нив вели ‘културата, тоа е душата на еден народ’ “, рече академикот.

Митевски нагласи дека една држава која се грижи за својата култура, која умее да ги препознае вредностите на својата култура, заслужува секоја почит.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ