Доцнењето на платата но и лошите услови за работа ги принудија да вработените во Македонска пошта денеска да излезат на протест. Демонстрантите велат дека за 1.700 лица, декемвриската плата сѐ уште не е стигната а на 300 поштари со години не им е решен работниот статус.
„Вработените се крајно револтирани затоа што и покрај тоа што во оваа компанија 60 посто од вработените работат со минималец, и тој минималец не можеме да го земеме. Овој протест ќе трае се додека не се исполнат условите за добивање на плата, што не значи дека и во понатамошните месеци што следуваат, синдикалните организации во македонска пошта ќе преземат активности уште во наредната недела , до управниот одбор ќе доставиме ново барање дека и наредниот месец ако се случи истото ова , веќе на 15 – ти или 16 – ти ќе застанеме со работа“, изјави Сашо Димитриевски претседател на синдикална организација на Македонска пошта.
Лоши хигиенски услови, прокиснати тавани, азбесни табли кои висат над нивните глави. Вработените во пошта, покрај плата, бараат и достоинствени услови за работа.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) обвинија дека луѓе блиски до раководството на Пошта им се заканувале на вработените да не излегуваат на протест…
„Ги пречекаа сите празници без приходи и веројатно ќе го завршат овој месец без приходи. Луѓето се одлучени, во сите пошти во државата протестираат , нема да отстапат од нивните барања. Ако некој смета дека не е способен да ја води пошта нека си замине и нека дојде некој поспособен меѓутоа во никој случај не смее да ги остави луѓето без плата. Ние додека се подготвуваме да протестираме за зголемување на плата, овие луѓе протестираат за исплата на и така ниската нивна плата“, изјави Слободан Трендафилов претседател на ССМ.
Од Македонски пошта тврдат дека декемвриската плата денеска ќе стигне на сметките на вработените..Обвинуваат дека штрајкот е политички мотивиран а вработените – изманипулирани..
„Платите за месец декември се обезбедени. Преку репрезентативните синдикати, вработените во А.Д. Пошта на Северна Македонија се информирани за актуелната состојба. Вистина е дека оваа состојба се повторува неколку пати во текот на годината,и лично изразувам солидарност и искрено жалење кон вработените, а воедно континуирано работам на унапредување на условите. Од наредниот месец реформите ќе започнат да даваат резултати, а во блиска иднина трендот на позитивни резултати ќе биде само во пораст. Платите за месец декември ќе бидат исплатени денес, и како што истакнав претходно, сите вработени беа информирани“, изјави Орхан Куртишид, иректор на Македонска Пошта.
Куртиши вели дека е свесен за состојбата во која се наоѓа компанијата и дека се работи на подобрување на условите…Ги повика и синдикатите да се вклучат во решавањето на проблемите, без да бидат провоцирани и манипулирани.






