среда, 24 декември 2025

Вработените кај Народниот правобранител алармираат: институцијата во безизлезна состојба, вработените без плата од јануари

Вработените во Народниот правобранител, заедно со двајцата преостанати заменици, предупредуваат дека централната институција која треба да го штити човековото достоинство и да врши надзор над законитото работење на јавниот сектор се наоѓа во сериозна безизлезна состојба.

Објавено на

часот

Сподели

„Институцијата која е предвидена со Уставот и Законот за народниот правобранител за заштита на човековите слободи и права и надзор над јавните институции, локалната самоуправа и јавните претпријатија, не е во можност да функционира нормално“, наведуваат вработените во соопштението.

Тие истакнуваат дека од 12 јули 2025 година Собранието не успева да избере нов народен правобранител, и покрај повеќекратните алармирања од страна на институцијата. Последното известување до Собранието било доставено на 11 декември 2025, но до денес 23 декември 2025 не е примен никаков одговор, ниту дури и покана за учество на преостанатите заменици на годишното обраќање на Претседателката на државата.

Вработените дополнително предупредуваат дека од јануари 2026 година веројатно нема да можат да ги примаат своите плати, што ќе го запре плаќањето на редовните уплати за социјално, здравствено и пензиско осигурување.

„Се запрашуваме дали државата има потреба од ваква институција или не“, додаваат тие.

Соопштението е адресирано не само до македонската јавност, туку и до дипломатските претставништва и странските мисии во државата, со цел да ја информираат за тешката ситуација во Народниот правобранител и ограничувањата со кои се соочуваат вработените.

Вработените бараат итна реакција од Собранието за избор на нов народен правобранител и обезбедување на редовно функционирање на институцијата, за да се продолжи со остварување на нејзините надлежности и заштита на граѓанските права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ