четврток, 5 јуни 2025

Воведување концепт „два плус два“ за побезбеден пат Кочани – Штип, предлагаат експертите

Седум починати, повеќе тешко и лесно повредени и причинета голема материјална штета во неколку десетици сообраќајни несреќи во 2024 година е билансот што беше претставен на експертскиот панел „Безбедносните ризици на експресниот пат Кочани – Штип: Проблеми и решенија“ што денеска се одржа во Кочани.

Објавено на

часот

Сподели

На работната средба што ја иницираше универзитетскиот професор Јован Шоповски со поддршка од општествено-одговорната компанија „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани, присуствуваа полициски службеници од Одделот за сообраќај на Министерството за внатрешни работи од Скопје, претставници од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, експерти и професори од универзитетите во Штип и Скопје, сообраќајни инспектори од регионот и други учесници кои се засегнати од проблемите на новоизградената делница меѓу Кочани и Штип.

„Имав лично негативно искуство на експресниот пат на кој неколку пати избегнав сообраќајни несреќи со директен судир, а што се должи на специфичноста на коловозната делница и незнаењето на возачите како да го користат овој релативно нов концепт на патишта во Македонија. Сакаме да укажеме дека е потребна поголема внимателност при управувањето возило затоа што ова не е автопат и постојано доаѓаат возила од спротивен правец, како и да се имаат предвид одредени технички недоследности на патот што го прави недоволно безбеден. Сообраќајните експерти и стручните лица се согласија за потребата од подигање на безбедносните услови при што предложија можни решенија. Еден од најприфатливите предлози што го дадоа експертите и професорите од Градежниот факултет е концептот „два плус два“, односно додавање по уште една коловозна лента на постојните и нивно физичко разделување. Пресметката покажува дека тоа би чинело околу 20 милиони евра, што е минимален износ од аспект на намалување на бројот на човечки жртви“, истакна професорот Шоповски.

Во дискусиите беа истакнати неколку критични точки на кои се случиле најголем број од несреќите во кои имаше и жртви, при што освен возењето со неприлагодена брзина и непочитувањето на сообраќајната сигналзиација, како причини беа наведени и технички недостатоци што треба да се решат што побрзо. Притоа беше наведен проблемот со сообраќајното приклучување на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ во која има над 3.000 вработени, како и неколкуте сообраќајни клучки кај населените места кои гравитираат кон експресниот пат.

Иако беа поканети, на експертскиот панел немаше преставници од Јавното претпријатие за државни патишта и од Министертвото за транспорт, но организаторите најавија дека заклучоците од расправата ќе им бидат доставени во писмена форма.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ