среда, 7 јануари 2026

Вонредна седница во Скопје: Засилени контроли и нов план за борба против загадениот воздух

На вонредна седница на Советот на Град Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух, беа истакнати мерките што досега се преземаат, но и потребата од итна и долгорочна борба против аерозагадувањето, кое со години го загрозува здравјето на скопјани.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, нагласи дека првата и најитна задача е обезбедување чист воздух во затворените простории каде престојуваат ранливите категории граѓани, особено во зимскиот период. Како долгорочна цел, тој посочи дека е неопходно да се постават цврсти основи за системска борба против загадувањето во градот.

Според Димитровски, за подобрување на квалитетот на воздухот во домовите потребно е домаќинствата да добијат сигурен и одржлив извор на топлина, со што би се замениле ќумбињата и печките на дрва со централно греење. Дополнително, потребна е соодветна вентилација и филтрација на воздухот преку системите за греење, ладење и климатизација во градинките, училиштата и болниците. Тој потсети и дека Советот донел одлука за набавка на прочистувачи на воздух за 400 училници во средните училишта во Скопје, кои, како што најави, ќе бидат дистрибуирани во текот на овој месец.

Во борбата против загадувањето, Димитровски посочи дека индустријата мора да примени европски практики, особено во делот на континуирани мерења и јавно објавување на податоците. Градот и општините, пак, треба да ги засилат инспекциските надзори и контролите во рамки на своите надлежности.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во изминатиот период биле спроведени засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, редовни и вонредни надзори, како и активности поврзани со сообраќајот, зелените површини и третманот на депониите. Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари биле издадени 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени, при што биле изречени глоби од 1.000 до 53.000 евра.

Дополнително, инспекторите за животна средина извршиле над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешните фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Одговорни лица во правни субјекти биле казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица добиле казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање отпад.

Инспекцијата за патен сообраќај и патишта извршила контроли на девет градилишта, при што на едно градилиште бил изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице. Комуналната инспекција, пак, извршила 240 контроли на градилишта низ Скопје, при што на 11 објекти биле изречени глоби од по 1.300 евра, а комуналните редари изрекле повеќе од 60 казни на јавни површини.

Ѓорѓиевски информираше дека во буџетот за 2026 година се предвидени 64 милиони денари за животна средина, наспроти 24 милиони денари во 2025 година, како и дополнителни 220 милиони денари за подигање и одржување на јавното зеленило и парковите. Најавени се и субвенции за инвертер-клима уреди, чистење на оџаци, филтри и велосипеди.

На седницата беше најавено дека на почетокот на 2026 година ќе започне подготовка на План за борба со аерозагадувањето, кој ќе опфати анализа на сите загадувачи, регистрација на оџаците во котлината, проценка на досегашните мерки и дефинирање конкретни активности за намалување на загадувањето. Од Советот порачаа дека ќе бидат строга контрола на сите планови кои можат да го зголемат загадувањето, но и поддршка за секоја мерка што ќе придонесе за почист и поздрав град.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ