Таа на прашање од адвокатот на директорот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, дали ДНК со активирање на пиротехниката ја запалиле дискотеката, одговори децидно „не“.
На прашањето од адвокатот Јовица Страшевски зошто во исказот во Јавното обвинителство кажала дека не бара оштетно побарување, а сега бара, таа рече:
„Така изјавив во периодот кога не сфатив колку сум оштетена. Јас сум самохран родител и сѐ уште се лекувам од последиците. Страшевски ја праша врз основа на што се премислила, а сведокот одговори: „Врз основа на својот здрав разум“.
Адвокатот Јовица Страшевски грубо се обрати и кон обвинителите кој ја водат постапката коментирајќи дека тој поставувал конкретни прашања, а не прашувал кој свирел на тапани.
Вокалистката на ДНК сведочеше и за тоа дека прскалките претходно на настапи прскале и во неа и во опремата и секогаш се било во ред.
„ДНК во последните неколку години беше баран бенд. Секогаш користевме прскалки, никогаш немало проблем. Прскале и во мене, и во опремата, во сите нас“, сведочеше Костадиновска, нагласувајќи дека не видела кој ги поставувал прскалките таа вечер.
Во Кочани пристигнале со автомобил.
„Секогаш одевме порано за тонска проба. Андреј дојде со нас, Панчо подоцна“, раскажа таа. Веќе околу 22 часот биле во локалот, а настапот требало да започне по полноќ. Импровизиран бекстејџ, импровизиран тоалет, полн локал, луѓе кои влегуваат и излегуваат – атмосфера како и многупати претходно.
Но, за време на песната „Што сака нека биде“, сè се променило.
„Почувствував топлина, но никој од нас не сфати колку е сериозна ситуацијата. Но на таа врата имаше катанец. Моравме по подолгиот пат.“, сведочеше.
Го слушнала Панчо како вели сите да излезат. Некој го повикал газдата да донесе противпожарен апарат. Потоа – пукање, врелина, врели пластики што паѓале по грбот, туркање, паника.
„Сара излезе со мене, но не разделија луѓе кои се туркаа. Повеќе не се видовме“, рече таа, зборувајќи за Сара Пројковска, за која рече дека ѝ била „како сестра“.
Пред самиот излез паднала.
„Настана хаос. Се чувствуваше силен мирис што тераше на спиење.“ Била приклештена, ногата заглавена, луѓе притиснати еден врз друг. „Тоа беше сцена од хорор филм која не можам да ја опишам“, сведочеше низ емоции.
Еден млад човек покрај неа ѝ помагал да остане свесна. „Не држеше будни.“ Кога конечно се отворила вратата, почувствувала малку свеж воздух. Ја ослободила ногата, а некој од надвор ја извлекол.
„Се сеќавам кој ме спаси. Носеше црна маица со црвена апликација“, рече таа, додека одбраната посочи дека тоа е облеката на обезбедувачите.
Со часови седела надвор пред да биде пренесена во болница. Имала изгорени гласни жици, неконтролирано тресење, повредено колено, изгореници по лицето и телото. Била хоспитализирана во Аџибадем Систина, каде останала два дена.
„Сè уште се лекувам. Работам со психолози. ДНК беше моја втора фамилија. Сара ми беше како сестра.“, сведочеше таа.
Во судницата, нејзините зборови не беа само сведоштво за една ноќ. Тие беа сведоштво за загуба, траума и болка што сè уште трае.






