недела, 1 февруари 2026

Водич низ системот „Безбеден град“ – автоматска детекција на прекршоци, 24 часа за корекција на грешки, 50 отсто пониски казни за брзо плаќање

Сообраќајните несреќи во Македонија остануваат еден од најодговорните фактори за сериозни повреди и смртни случаи, што ја принуди Владата да го активира долго најавуваниот систем „Безбеден град“ — технолошка мрежа на камери и радари за автоматско документирање на сообраќајните прекршоци. Според официјални податоци, во 2024 година 142 лица загинале на патиштата, што е значително над европскиот просек. Во периодот 2021-2024 година во сообраќајни несереќи загинале 509 граѓани. Но, властите уверуваат дека ова ќе се промени со воведувањето на новиот систем „Безбеден град“.

Објавено на

часот

Сподели

Почетокот на примена на системот „Безбеден град“, на патиштата означува нов начин на сообраќајна контрола, којшто се темели на стационарни радарско-видео камери со висока техничка прецизност. Иако во јавноста фокусот беше на казните, клучното прашање е – како функционира системот откако ќе се регистрира прекршок и што точно можат да „видат“ и измерaт овие камери.

Камерите автоматски ги детектираат прекршоците штом возилото ќе ја надмине дозволената брзина, ќе помине на црвено светло, ќе биде регистрирано со истечена регистрација или ќе запре на недозволено место. Системот континуирано функционира 24 часа дневно, без оглед на временските услови, и не зависи од физичко присуство на полиција на терен.

Клучната карактеристика на овие уреди е тоа што тие не се обични надзорни камери, туку интегрирани мерни системи. Камерите користат радарска технологија за мерење на брзината, во комбинација со видео-анализа, со што се обезбедува висока точност и дополнителна потврда на прекршокот. Мерењето на брзината се врши на далечина од приближно 10 метри, па сè до над 200 метри, што значи дека прекршокот може да биде регистриран далеку пред возачот да ја забележи камерата.

Техничките спецификации со кои располага системот овозможуваат истовремено следење на повеќе сообраќајни ленти. Во зависност од поставеноста, една камера може паралелно да контролира до четири ленти, во ист или во спротивен правец на движење. Во секоја од тие ленти, системот следи повеќе возила истовремено, без мешање на податоците, при што точно се утврдува во која лента се движело конкретното возило и со која брзина.

Камерите се опремени со инфрацрвено осветлување, што овозможува јасно снимање и ноќе, без заслепување на возачите. Системот чита регистарски таблички и при високи брзини, дури и над 200 километри на час, како и во услови на дожд, магла или намалена видливост. Дополнително, софтверот прави разлика меѓу типови возила – патнички, товарни, автобуси и мотоцикли – што е важно за делници со различни ограничувања.

Камерата автоматски ги генерира доказите за прекршокот

По детекцијата, камерата автоматски генерира доказен пакет. Тој вклучува јасна фотографија од регистарската табличка, фотографија од возилото во поширок сообраќаен контекст, кратко видео од движењето на возилото, како и технички податоци – точен датум и време, локација, измерена брзина и дозволена брзина за таа сообраќајница. Сите податоци се дигитално заштитени и врзани за конкретниот уред, што ја исклучува можноста за накнадна измена. Дел од нив се доставуваат до сопственикот на возилото со казната. Другите се чуваат во случај на спор или докажување дали прекршокот е сторен или не.

Паралелно, системот автоматски ја чита табличката и ја споредува со базите на податоци, со што се утврдува сопственикот на возилото и статусот на регистрацијата. Како посебен прекршок се евидентираат случаи кога се детектира прикриена, оштетена или нечитлива табличка.

Врз основа на овие технички податоци, се подготвува прекршочен налог согласно законските одредби. Камерата не ја одредува висината на казната, туку таа е строго дефинирана со закон, при што се применуваат и законски дозволените толеранции, особено кај мерењето на брзината.

„Безбеден град“ е систем без селективност и човечки фактор

Системот „Безбеден град“, според институциите, има цел да воведе постојана и еднаква контрола за сите учесници во сообраќајот, без селективност и човечки фактор. Фокусот, како што се нагласува, не е исклучиво на казнување, туку на превенција, дисциплина и намалување на бројот на сообраќајни несреќи, особено на критичните и фреквентни сообраќајни точки.

„Не е поентата да ги казнуваме граѓаните, туку да го намалиме бројот на повредени и загинати. “, изјави неодамна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тој вчера во гостување на МТВ информираше дека поради голем број забелешки пд граѓаните изменети се правилата за толеранција при пречекорување на брзината при возење.

„Сега за брзини до 50 км/ч останува толеранција од шест км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно новиот правилник е девет км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч а се управува возило со над 101км/ч моторно возило камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч“, изјави Тошковски.

Министерот во контекст на бебзедноста во сообраќајот најави уште еден проект кој ќе се имлементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком, а се состои од доставување информативна порака до секој граѓанин кој што ја пречекорил брзината, со цел привлекување на вниманието дека и покрај тоа што возат во рамки на законската толеранција тие сепак ја надминуваат законски уврдената брзина.

Тошковски посочи дека дел од податоците за сопствениците на возила во постојните евиденции може да бидат неточни, што може да се должи на претходно доставени погрешни информации од граѓаните или на грешки при внес во системите. Поради тоа, можно е одредени граѓани да добијат известување или записник што не се однесува на нивното возило или на прекршок што тие не го сториле.

„Секој граѓанин кој ќе забележи несогласување во податоците ќе има право да се обрати во која било полициска станица и да пријави дека станува збор за грешка – дека возилото не е негово, дека не управувал тој или дека има друг вид неточност. Согласно законски утврдена процедура, Министерството за внатрешни работи во рок од 24 часа ќе изврши проверка и корекција на податоците, а Граѓанинот ќе добие известување дека нема да биде прекршочно гонет доколку не го сторил прекршокот“, истакна министерот.

Тој нагласи дека во новиот систем е воведен и дополнителен механизам за заштита на личните податоци. По добивањето на СМС-известување за сторен сообраќаен прекршок, граѓанинот ќе треба преку линк (https://safecountry.mvr.gov.mk/?fbclid=IwY2xjawPsQ-RleHRuA2FlbQIxMQBzcnRjBmFwcF9pZAwzNTA2ODU1MzE3MjgAAR6Er0WHOsVspcXRN8Z74UhfhFOyqeTFzFGYirUXTsemOPcrqun7q5ZOXLJDKg_aem_Ynew-QvuEgQpqsgek33kPg) да пристапи до записникот, при што за преземање на документот ќе биде потребно внесување на матичен број. Со ова се овозможува дополнителна автентикација и проверка на веродостојноста на податоците, со цел лични информации да не бидат доставени на погрешно лице.

Висината на глобите ќе зависи од степенот на прекршокот

Тошковски вели дека законската регулатива предвидува јасни механизми за санкционирање, при што секој возач може да направи прекршок, но сериозното и значително надминување на дозволената брзина повлекува построги последици.

Висината на глобите за пречекорување на брзината ќе зависи од степенот на прекршокот. За надминување до 20 километри на час казната е 20 евра, додека за пречекорување над 50 километри на час глобата изнесува 400 евра со забрана за управување возило од една година. Во населени места овие санкции можат да достигнат и 500 евра. За поминување на црвено светло е предвидена казна од 250 евра и одземање на дозволата до една година, а доколку прекршокот предизвика незгода, следува и кривична одговорност.

Во однос на сообраќајните дозволи, возачот ќе биде казнет со 100 евра ако документот е истечен, додека сопственикот на возилото ќе треба да плати 250 евра. Непрописното паркирање ќе се санкционира со 30 до 50 евра, во зависност од тоа дали возилото го попречува нормалниот проток на сообраќајот или е оставено на место наменето за лица со попреченост.

Од МВР потсетуваат дека доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа само половина од износот. По овој рок, износот се плаќа целосно, со можност за присилна наплата. Дополнително, доколку во рок од 16 дена Граѓанинот ја плати казната и го признае прекршокот, Министерството може да изрече забрана за управување под законскиот минимум. Системот е поставен да биде неселективен, а строги правила се предвидени за оние кои често ги кршат прописите. Возач кој ќе собере три забрани за управување во рок од четири години автоматски ќе ја изгуби возачката дозвола и ќе може повторно да полага по пауза од најмалку една година.

„Ако, согласно закон, за одреден прекршок е предвидена забрана за управување од минимум три месеци, во случај на доброволно прифаќање и плаќање, таа забрана може да биде намалена, на пример на 45 дена. Ова го воведовме за да ги мотивираме граѓаните кога постојат јасни докази да не одат во долги судски постапки“, вели Тошковски.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ