Мострите земени денеска од неколку мерни места, според Симоноска, покажуваат матност од 0,62 до 1,73, а дозволените вредности се 1,5 матност.
„Намалена е матноста. Мострите земени од три мерни места веќе се во нормала. Но, ќе направиме проверка и следната недела. Додека не излезат три последователни мостри низ градот каде што нема варијации на матноста нема да дадам препорака за пиење на водата. Затоа забраната сè уште важи“, изјави Симоноска.
За разлика од градскиот водовод, кој сега е поврзан на изворите во Белица и селото Заграчани, матноста на водата во изворот Шум е многу висока.
„Извор Шум вчера беше со 1,46 матност, а денешните мостри покажуваат 6,61 матност. Овој извор нема толку лесно да се стабилизира“, заклучи Симоноска.
Стружани веќе 19 дена немаат вода за пиење, поради голема заматеност на изворот Шум, од каде се снабдува градот и околните села со питка вода.
Причина за матноста, според градоначалникот Менди Ќура, се ископите, кои години наназад се правеле околу изворите во Шум, за што Основното јавно обвинителство – Струга отвори предмет и определи забрана за две правни лица од Велешта да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ.
Првите резултати од мостри земени на 9 февруари од екипите на Центарот за јавно здравје Охрид покажуваа 28,56 матност од дозволени 1,5.






