Првичните анализи на Центарот за јавно здравје Охрид покажуваат дека заматеноста во изворот Шум е 28,56 проценти, а максимално дозволена концентрација 1,5 отсто.
Д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид информира дека се земени мостри за испитување, како од изворот така и од повеќе мерни места во градот и оти е видлив висок степен на обоеност и висока матност.
„Земени се мостри од вода за испитување. Хлор имаше, но има висок степен на обоеност и висока матност и таа автоматски спаѓа во здравствено неисправна вода. Ги чекаме резултатите кои во четврток треба да се готови. Утре ќе одиме повторно, ќе земеме вода од изворот, да видиме дали почнала матноста да се намалува или не“, изјави Симоноска.
Таа појасни дека е потребно механичко чистење на резервоарите и поголема количина хлор.
И Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираше дека водата во градот Струга и околината не е чиста и не треба да се користи за пиење или други потреби.






