понеделник, 23 февруари 2026

Водата од струшкиот водовод може да се користи за техничка употреба, сè уште не е за пиење

По речиси две седмици, водата од  водоводот во Струга може да се користи за техничка употреба, но и понатаму останува забраната за пиење.

Објавено на

часот

Сподели

Според последните анализи, намалена е матноста на водата од струшкиот водовод, па затоа може да се користи само за техничка употреба.

Доктор Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје – Охрид, информира дека денешните мостри земени од изворот Шум и неколку мерни места во градот и селата покажуваат матност од речиси 1,70 од дозволени 1,5 NTU.

„Следните мостри ќе бидат земени в петок, за кога очекуваме намалување на матноста во дозволените вредности. Денеска препорачав дека може да се користи како техничка вода, а за пиење не ја препорачуваме, иако е хлорирана и нема бактерии“, изјави Симоноска.

Водата од градскиот водовод во Струга две недели беше забранета за секаква употреба, откако се појави високо ниво на матност во изворитие на Шум, од каде што се снабдуваат градот и околните села со чиста вода за пиење.

Градоначалникот Менди Ќура смета дека ископувањата направени околу изворите на Шум се главна причина, која ја предизвикала матноста на водата од која се снабдуваат Струга и селата.

Основното јавно обвинителство Струга информира дека истражните органи затекнале работни машини на две правни лица од Велешта, кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, за што бил доставен предлог за определување мерки на претпазливост, односно забрани правните лица да ги посетуваат парцелите на кои вршеле ископ и да преземаат какви било работни активности на подрачјето.

Вонредна седница одржа и Советот на Општина Струга, на која советниците донесоа заклучоци, во кои побараа надлежните да постапат за случајот „Шум“, да се определат заштитни зони и редовен мониторинг за квалитетот на водата.

Првите резултати од мострите земени на 9 февруари од екипите на Центарот за јавно здравје – Охрид покажа 28,56 матност.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ