петок, 5 декември 2025
Судење за големата трагедија во Кочани со 63 жртви

Во затворска ќелија кај обвинет за „Пулс“ најдени 13 мобилни, тој вели таму беа кога ме притворија

Дури 13 мобилни телефони, како и лаптоп, биле најдени во затворската ќелија во Истражниот затвор во Шутка во која обвинетиот за големиот пожар во „Пулс“ Џеваир Камери, вработен во Министерството за економија, ја издржува мерката притвор за обезбедување присуство во текот на судската постапка.

Објавено на

часот

Сподели

Судијката Диана Груевска Илиевска, која го води процесот, на денешното судење во дигиталната судница во Идризово го опомена обвинетиот и го праша дали е точно дека биле најдени 13 мобилни, на што тој одговори: „Не знам судија, не се мои, ги најдов кога влегов во ќелија, таму беа“.

Ваквата негова изјава предизвика револт кај родителите што го следат судскиот процес. Обвинителите од оваа постапка се обратија до судот и побараа во иднина, ако се случи вакво нешто, да се изрече мерка, а не само опомена.

Обвинетите што кријат мобилни телефони во ќелија, кои не им се дозволени, може да добијат самица, наместо затворска ќелија, за издржување на мерката притвор.

Судскиот процес за „Пулс“ денес треба да продолжи со произнесување вина и воведни зборови на одбраната.

На 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ