Откупната цена моментално е 280 денари и е повисока од лани. Има уште за да се дозаврши откупот на јагнињата од оваа реколта.
„Она што може да им го речам на одгледувачите на овци е дека се исплатени субвенциите за грло овца за 2025 година во висина од над една милијарда денари. Со ова, практично ја затвораме исплатата кон оваа сточарска гранка. Со ова сметаме дека ќе има поголем стимул на поголем број задржани женски јагниња, односно зголемување на бројот на овците во Македонија. Минатиот месец имаме објава за сточарите да аплицираат за плата на овчарите за 2025 година и со тоа опфаќаме еден нормален тек на исплата и аплицирање за субвенции кои се за оваа сточарска гранка“, изјави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски на денешната средба со сточарите во Прилеп.
Според податоците од државниот завод за статистика, лани се зголемило производството на кравјо и на овчко млеко, но стагнира производството на козјо млеко. Тоа е многу битно, иако бројот на грлата добиток нема поголем раст.
„Во 2025 година се произведени околу 290.000 литри кравјо млеко, што е за 2,7 проценти повеќе од производството во 2024 година, а производството на овчко млеко со 27.000 литри лани е за 4 проценти поголемо од 2024 година. Во производството на козјото млеко има мал пад. Но, не секогаш бројот на грлата треба да ја следи продукцијата. Продукцијата може да се зголеми, иако имаме стагнација на бројната состојба на грлата. За нас како држава, не е битно само да расте бројот на грлата, туку и продукцијата, а со овие податоци одиме во еден позитивен тренд“, смета Трипуновски.

Во поглед на појаснување на програмата за 2026 година, Трипуновски уверува дека нема никој да биде исклучен од процесот на земање субвенции. Има посебна мерка за малите сточари која ќе продолжи и в година, сè додека не го достигнат прагот на мерките за субвенционирање за окрупнување на добиточниот фонд во земјава и за зголемување на површините под земјоделски култури.
„Во тековната програма за оваа година има посебна мерка која ќе ги опфати сите мали земјоделци кои се под праговите кои ги имаме ставено во програмата. Ваква мерка ќе постои и во 2027 година, со цел овие две години заедно со сточарите да помогнеме да ги постигнеме тие минимални прагови. Според анализите на Министерството, незначителна е бројката, или, помала е бројката на сите овие земјоделци кои се под праговите, Зборувам за број на крупна и ситна стока, за полјоделските култури, за лозовите и овошните насади. Значи има посебна мерка на која ќе аплицираат сите кои се под овие прагови за да искористат и да ги земат субвенциите. Нема да правиме длабок рез. Ние размислуваме визионерски, за заедно со земјоделците да ги поткренеме овие прагови за да ја зголемиме бројната состојба на стока и бројот на обработливи површини“, објасни министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски на денешната средба со македонските одгледувачи на овци во Прилеп.






