„Започнавме со 1.000 волонтери во првата година. Оваа година имавме историски 55.000 луѓе на ‘Генералка викенд’ кои учествуваа во чистењето на нивната околина. Оваа година собравме повеќе од 650.000 килограми низ целата земја на повеќе од 600 локации истовремено само за еден викенд. Ова ни го покажува и проблемот со отпадот и многу сме среќни што можеме да отвориме ваков вид изложба ‘Генералка викенд’ тука во Тетово, бидејќи Тетово е една од водечките општини во Македонија кои се обидуваат да создадат нова рамка во собирањето отпад и во пронаоѓањето нов начин за селекција“, посочи Ханес Јекл.
Втора година по ред и Општина Тетово е учесник на овој проект. Градоначалникот Биљал Касами оцени дека преземаат комплексни мерки за да има чиста средина.
„Во тој дел ги организиравме комуналните претпријатија. Едно е комунално-општинско и се занимава за чистење и одржување на јавните површини, како и зеленилото и втората, во партнерство со Саубермахер за собирање на комуналниот отпад со тоа проблемот со собирање и депонирање на отпадот веќе е решен. Останува главниот предизвик за тоа како да ги научиме дел од нашите граѓани како отпадот да го фрлаат таму каде што е местото. Затоа многу е важно да бидеме дел од вакви проекти во делот на едуцирање на граѓаните, особено на помладите дека отпадот не треба да се фрла по улиците по тротоарите, туку треба да се фрла каде што е местото“, рече Касами.
Арсим Фидани од Саубермахер, компанијата која го презеде подигањето отпад во населените места во рамки на општинските граници на градот Тетово посочи дека „Генералка викенд“ е повеќе од обична викенд-акција за чистење, туку е моќен потсетник на единството, влијанието на делувањето и упорноста.
„Кампањата оваа година претставува уште едно поглавје на гордост во нашето заедничко патување и повик до секој граѓанин на Северна Македонија да ги засука ракавите, да излезе надвор и да придонесе. Заедно, не чистиме само улици и паркови-ја обновуваме грижата, гордоста и одговорноста за местата што ги нарекуваме дом. Да го одржиме овој позитивен ритам, да дејствуваме одговорно за на идните генерции да им оставиме средина достојна за живеење. Во првата година, Саубермахер собра над 34.000 тони комунален отпад, постави повеќе од 600 нови контејнери, спроведе кампањи за подигнување на свеста и поддржа многубројни акции за чистење на територијата на Општина Тетово. За првпат во 2024 година, воспостави редовен систем за собирање отпад и во најруралните населени места во Националниот парк Шар Планина“, рече Фидани.
Според меморандумот за соработка помеѓу „Генералка викенд“ и Министерството за земјоделство, за секои 10 килограми собран отпад, посадено е по едно дрво. Така од 2022 досега има посадено околу 125.000 дрвја.