вторник, 6 јануари 2026

Во Собранието се работи на комплетна дигитализација и користење на ВИ

На веб – страницата на Собранието е поставена алатка за вештачката интелегенција преку која се овозможува граѓаните во кое било време преку внесување на достапни линкови од содржини на јутјуб каналот на законодавниот дом да разговараат со ВИ асистент и да ги добијат соодветните потребни информации за пленарни седници, комисии или други содржини.

Објавено на

часот

Сподели

Засега оваа алатка е во тест фаза и не е можно нејзино користење за сите седници на законодавниот дом, а треба да покаже колку таа ќе биде корисна за граѓаните, објаснува за МИА заменик генералниот секретар на Собранието Бобан Стојаноски. Потенцира дека Собранието во континуитет работи на дигитализација и оти со интегрирањето на новите технологии, законодавниот дом ќе постави едни стабилни основи за целосна дигитална трансформација, а тоа ќе го направи подостапна и поотворена институција за граѓаните.

До алатката за ВИ на веб – страницата е поставена уште една – Канцеларии за контакт со граѓаните со која може да се закаже средба со пратениците преку електронска пошта на локација која не мора да биде токму канцеларијата на народниот избраник. Преку оваа алатка, според податоците достапни на веб страицната, веќе се реализирани околу 600 средби на пратениците со граѓани, иако не сите пратеници го искористиле овој начин за комуникација со својот електорат.

Во долниот десен агол на страницата од неодамна не поздравува и бело човече во сино облаче – Помошник за пристапност. Тука можете да ја приспособите веб-страницата на вашите потреби, како на пример да го зголемите фондот на буквите и друго. Како што објавија од законодавниот дом, преку овој напредок, дигиталната платформа на Собранието сега нуди механизам што го олеснува пристапот за лицата со визуелни, моторни и когнитивни попречености, правејќи ги парламентарните информации поразбирливи, полесни за навигација и поблиски до граѓанинот. Оваа инвестиција, која е во согласност со Европската директива EN 301 549 и стандардите WCAG 2.1, ги следи најдобрите практики на дигиталното управување и почитување на човековите права. Затоа, тоа не е само техничко подобрување, туку јасен израз на заложбата кон транспарентност, дигитализација, граѓанска вклученост и пофункционална демократија. Кога информациите се достапни, институциите стануваат поотворени и доверливи.

Кога ќе ја отворите веб страницата на Собранието пред вас е агендата на денот, но исто така линкови што ве водат до пленарните седници, до работните тела, примените материјали во Собранието и пратенички прашања, а потоа следуваат активностите на Претседателот на Собранието. Најгоре, пак, се линковите за Собранието, неговата структура, за пратениците, е-Парламент, Транспаретно Собрание и ЕУ.

Веб – страницата постојано се ажурира имајќи ги предвид дневните промени и потреби. Постоечкате веб – страница на Собранието е поставена во минатиот собраниски состав, и оттогаш наваму постојано се надградува. Граѓаните и медиумите преку веб – страницата и на јутјуб каналот на законодавниот дом можат во живо да ги следат пленарните седници, додека преку веб-страницата и седниците на комисиите. Она што тогаш не се заврши, а се најавува за почетокот на 2026 година е комплетна дигитализација на архивата на Собранието од 1986 година наваму, како и преминување во комплетно дигитално работење на собраниските служби.

Законодавниот дом има усвоено Стратегија за дигитална трансформација на Собранието за периодот 2026-2028 година, а целта е, како што нагласуваат од Собранието, работата на пратениците и на службите да биде што подостапна за граѓаните, и да имаме што потранспаретно и отворено Собрание.

Собранието има поддршка за реформските процеси меѓу кои и дигитализацијата од Швајцарската програма за парламентарна поддршка. Неодамна во рамките на Parliament Support Programme, НДИ потпиша Меморандум за соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско иженерство (ФИНКИ) кој ќе обезбеди можности за студентите преку структуриранa, платена волонтерска програма во секторот за ИКТ на Собрание, практично искуство за студентите на ФИНКИ усогласено со нивните студии и идни кариери, јакнење на капацитетите и размена на знаења помеѓу академијата, државните институции и граѓанското општество, соработка на заеднички проекти, работилници и експертска поддршка.

Стојаноски: Имплементацијата на новите технологии ќе го направи Собранието подостапна и поотворена институција 

Заменик генералниот секретар на Собранието Бобан Стојаноски во изјава за МИА потенцира дека со интегрирањето на ваквите технологии, законодавниот дом ќе постави едни стабилни основи за целосна дигитална трансформација, а тоа ќе го направи Собранието подостапна и поотворена институција за граѓаните.

-Во ноември 2024 година студентите се собраа во Собранието на еден студентски хакатон за да развијат една апликација, односно дигитално решение за јавно добро. Победничкиот тим разви апликација која ќе им овозможи на граѓаните со помош на вештачката интелегенција да истражуваат низ пленарната седница. Апликацијата има можност технички да ја обработи пленарната седница и граѓанинот преку четбот да постави какво било прашање што се однесува на таа седница, објаснува Стојаноски.

Оваа алатка, вели тој, засега не претставува инстуционален систем за вештачка интелегенција, но е една основа која што според Стратегијата треба да ни даде насока како да се движиме.

-Таа е во фаза на тестирање и ќе видиме колку ќе се покаже реалната корист од ваква алатка за граѓаните. Оваа алатка е прв чекор кон воведување на нови технологии и претставува само почеток. Со Стратегијата се предвидени и други алатки кои би ја користеле и вештачката интелегенција како што се автоматска обработка на аудио и видео содржини, автоматски превод. Воведување на интелегентни алатки за управување со документите. Исто така, ќе бидат интегрирани односно, ќе бидат развиени алатки на база на вештачка интелегенција, кои што би ни помогнале во однос на сајбер безбедноста. И, конечно, но најважно, се предлага воведување на алатка која што ќе користи вештачката интелегенција и ќе им овозможи на граѓаните полесна комуникација и снаоѓање со веб- страницата и содржините што се нaоѓаат на веб – страницата на Парламентот, вели за МИА заменик-генералниот секретар на Собранието Стојаноски.

Иако Стратегија за дигитална трансформација на Собранието е за периодот од 2026 до 2028 година, веќе се реализираат одредени активности.  Стојаноски вели дека документот намерно е планиран како пократкотраен за да може да ја следи брзината со која се менуваат технологиите.

-Спроведувањето, како што кажав, е веќе започнато, дел од мерките се во тек, дел се во фаза на планирање и подготовка. За првпат се применува еден стратешки пристап со јасни приоритети и рокови, рече Стојаноски.

Од спроведените активности, како што наведува, веќе е реализирана работилница и веќе е изработена предлог верзија на политика за користење на вештачката интелегенција во Парламентот.

-Имаме соработка со Инофеит, со што добивме пристап до академска експертиза, истражување и заеднички пилот проекти. Значи ќе ги користиме врвните и најдобрите експерти од државава. Во реализација на оваа стратегија, извршени се обуки на ИТ-тимот за вештачка интелегенција и за сајбер безбедност во соработка со Воената академија „Михајло Апостолски“. Се подготвуваат исто така обуки за сајбер безбедност за пратениците и за вработените, и уште низа други активности што се во насока на реализација на Стратегијата за дигитална трансформација. Тука може да ја напоменам и соработката со МКД Цирк – Национален центар за сајбер безбедност, а воедно може да се пофалам дека веќе сме во една фаза на транзиција на ИСО стандардот 27.001 од 2022 година, бидејќи до сега го имавме тој од 2013 година. Очекуваме набрзо да бидеме сертифицирани со овој сертификат кој се грижи за безбедност на информациите, рече Стојаноски.

Во меѓувреме, додава тој, континуирано се обновува и опремата во зградата. – И со тоа може да кажам дека не работиме козметички промени, туку дека имаме еден системски пристап кој очекуваме во догледен период да ни донесе видливи резултати, наведува заменик генералниот секретар на Собранието.

Од почетокот на 2026 година Собранието ќе работи со целосно дигитална архива 

Собраниските служби во 2026 година се очекува да работат со целосно дигитална архива. Стојаноски посочува дека веќе е поставен систем за дигитално канцелариско работење кој во периодот кога го снимавме разговорот беше во тест фаза.

-Паралелно се работи на традиционален метод на архивирање, имаме и дигитално архивирање. Ова е се со цел да се воспостави една стабилност и прилагодување на сите вклучени сектори, а веќе на почетокот на наредната година планираме да започнеме со една целосна дигитална архива, која што ќе овозможи целосна заштита на материјалите и целосна достапност и пристапност на истите, но истовремено, морам да напоменам дека во тек е интеграција на системот со дигитализиран материјал од периодот од 1986 до 2016 година, кој ќе биде целосно достапен на веб – страницата на Собранието, така што граѓаните, медиумите и истражувачката заедница ќе имаат многу полесен пристап до законодавната архива на Собранието, вели Стојаноски.

Еден од приоритетите на Собранието е постојано да се збогатува содржината на веб-страницата со нови, релевантни и лесно достапни содржини. Целта е, како што вели заменик генералниот секретар, да се обезбеди поголема транспарентност на Собранието и јавноста во секој момент да има пристап до сите оние релевантни содржини што ја засегаат работата на Парламентот.

-Веб – страницата е така замислена како една динамична платформа која постојано ќе се надоградува, ќе се адаптира како за потребите на Собранието, но, пред се, за потребите на граѓаните и јавноста и е една, може да кажам, жива материја која што постојано ќе биде надградувана и усовршувана. Во моментов, како веб – страница функционира стабилно, достапна е без прекини и претставува сигурен канал за информирање. Ажурирањето го врши професионален тим на службеници во Собранието и навремено ги објавуваат содржините, вели тој.

Дел од содржините, како што се материјалите од пленарните седници се поврзани директно и се интегрираат преку системот е -Парламент што овозможува една конзистентност и навременост во објавување на законите и останатите документи поврзани со законодавната постапка. Во однос на безбедноста на веб – страницата, пак, Стојаноски вели дека е заштитена со повеќеслојни системи на заштита кои вклучуваат заштитни ѕидови, системи за детекција и превенција напади, се вршат редовни безбедносни ажурирање и има постојан мониторинг.

– Инфраструктурата е така поставена да обезбеди висока отпорност од оние, да ги наречам, сајбер закани, кои што најчесто се случуваат, хакерски напади, и слично, и што и овозможува на јавноста безбедно да пристапува до информациите и без ризик на нарушување на достапноста и интегритетот на податоците на веб – страницата, вели Стојаноски.

Во текот на изминатите години, Собранието направи повеќе чекори за воведување дигитални решенија. Како резултат на тоа Собранието сега има: е-Парламент; е-Пратенички прашања; веб-страница на Собранието; ЕРП Систем за планирање на ресурсите, финансиите, набавките и човечките ресурси; Портал за отворени податоци; е-Регистар; е-Тикетинг, сали опремени со аудио и видео опрема; Собраниско ТВ студио, веб платформа за Канцелариите за контакт со граѓаните; како и победничката апликација од студентскиот хакатон дизајнирана да го олесни следењето на работата на Собранието.

Стратегијата за дигитална трансформација, која претставува политичка и институционална одговорност, има пет стратешки столба: модернизација на законодавните и административните процеси; подобрување на аудио-видео инфраструктурата и јавната комуникација; подобрување на безбедноста и отпорноста на ИКТ; надградба на ИКТ инфраструктурата и проширување на дигиталниот пристап и инклузија.

Прашавме и неколкумина пратеници дали употребуваат вештачка интелигенција и како ја оценуваат дигитализацијата во Собранието.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека дигитализацијата во Собранието е прилично напредната во последните години.

– Комплетно целата работа е дигитализирана и сметам дека во тоа сме во предност во однос на земјите во регионот. За ова голема заслуга имаат и нашите меѓународни партнери. Како пратеник лично се потпирам често на дигиталните алатки, а некогаш, поради потреба од компаративна анализа користам и вештачка интелигенција, вели Стојаноски за МИА.

Смета дека тоа е потребно и како алатка треба да биде почесто користена во политиката, бидејќи на тој начин дискусиите стануваат поквалитетни, а квалитетни дискусии гарантираат добри решенија.

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП вели дека употребува вештачка интелегенција кога и се потребни податоци за споредба или информации за постоечка легислатива, но, нагласува дека секогаш проверува и други извори затоа што понекогаш знае да направи грешка.

Во однос на процесот на дигитализација во Собранието, смета дека се одвива бавно иако голем дел од содржината на материјалите е достапна електронски и системот за гласање е дигитален ,сепак, вели, има многу работи што треба да се поправаат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ