сабота, 14 февруари 2026

Во Собранието договорено е формирање работна група за Изборниот законик

Претседателот на Собранието, Африм Гаши соопшти дека на денешната координација со координаторите на пратеничките групи било договорено да се формира работна група за Изборниот законик.

Објавено на

часот

Сподели

Гаши денеска информираше дека тој побарал за една недела секоја пратеничка група до него да достави предлози за по двајца претставници.

„Јас ќе ја водам. Се надевам. Ќе видиме како ќе постапиме со пратениците кои влегуваат и излегуваат како независни. Сигурно ќе повикаме и тие да учествуваат. Инсистирањето беше да се формира и да почнеме со работа. Имаме намера да го прошириме составот на работната група со претставници од други институции. Ќе гледаме да ги повикаме сите кои се засегнати со изборите“, рече спикерот.

Во однос на барањето за одземање на имунитетот на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев кое е проследено до собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања раководена од пратеникот Миле Лефков, Гаши повтори дека по Деловник не може да се стави таква точка на дневен ред ако не е поднесена од надлежен орган.

„Претседателот на секоја комисија, вклучително и на таа комисија, треба да постапува по Деловник. По Деловник не може да се стави точка на дневен ред за одземање на имунитет ако не е од надлежен орган. Очекувам тоа така да биде направено. Ако постапи поинаку, ќе биде неделовнички и ќе морам јас да реагирам за да се испочитува Деловникот. Собранието може да постапува по такво барање само по барање на надлежен орган“, рече тој.

Околу Анкетната комисија за трагедијата во Кочани и другите несреќи од партиите од власта, Гаши истакна дека треба да се формира составот на Комисијата за да почне со работа. Очекува пратеничките групи да постапат, да дадат имиња, а може да почне со работа откако составот на Анкетната комисија помине на пленарна седница.

Гаши ги информирал координаторите дека се во цајтнот околу изборот на Народниот правобранител за кого е потребно двојно, односно Бадентерово мнозинство, бидејќи на 1 јануари истекува депонираниот потпис на заменикот Народен правобранител, со што оваа институција е во ризик да остане целосно обезглавена.

„На координација и за тоа ги известив. Имаше допис од заменик Народниот правобранител. Ги известив координаторите дека сме во цајтнот и тоа го пишува во дописот. Ќе треба да делуваме брзо. Таа точка е ставена на дневен ред на една од седниците која не е завршена. Ќе гледаме овие денови да се направи консензус и да го решиме тоа прашање“, рече тој.

Преостанатите закони за заокружување на проектот безбеден град се очекува да бидат ставени на дневен ред на утрешната собраниска седница.

Исто така, во рамки на утрешната собраниска седница на дневен ред ќе бидат пратеничките прашања од опозицијата.

На седницата закажана на 24 декември ќе бидат предлогот за разрешување на Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања и предлозите за избор на Беким Сали за министер за европски прашања и Муамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање.

Гаши најави дека до Собранието треба да пристигнат и промените на Кривичниот законик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ