четврток, 5 февруари 2026
Нови сведоштва на судењето за трагедијата во Кочани

Во Пулс имало хидрант за пожар, но не бил во функција, два часа траела борбата за спас на изгорени и онесвестени деца

Втор пожарникар по ред денеска сведочеше на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, опишувајќи ја драматичната двочасовна борба со огнот и очајните обиди за спасување на деца и млади кои паѓале во бесознание од задушување. Според сведочењето, во објектот имало противпожарен хидрант, но истиот не бил во функција бидејќи немал вентил. Пред него сведочеше негов колега кој смирено и детално раскажа храбри детали за кобната ноќ.

Објавено на

часот

Сподели

Сведокот Драган Апостолов, пожарникар од Кочани и командир на вод во Противпожарната единица, пред судот изјави дека повикот за интервенција го добиле во 2:45 часот на 16 март 2025 година, додека бил дома, со напомена дека ситуацијата е исклучително сериозна.

„Од 2012 година сум учествувал и сум бил присутен на многу пожари, но тие слики не се забораваат до крајот на животот. Бев повикан од дома со кажување дека работата е многу сериозна“, рече Апостолов.

Тој детално ја опиша состојбата со техниката и ресурсите со кои располагала единицата во моментот на интервенцијата, нагласувајќи дека сите расположливи возила биле ангажирани.

„Имаме девет возила, од кои пет се камиони теренски, три теренски џипови со помала носивост на вода од 300 до 400 литри и едно возило ‘лада нива’. Сите возила беа на терен“, изјави сведокот.

Паунов посочи дека во дискотеката имало хидрант за пожар, но истиот не можел да се користи.

„Во Пулс имаше хидрант за пожар, ама немаше вентил и не беше во функција“, сведочеше тој.

Во емотивно сведочење, пожарникарот опиша како паралелно се бореле со огнот и се обидувале да спасат што е можно повеќе животи, во услови на екстремна температура и густ чад.

„Се обидувавме да спасиме една девојка, а ни кажаа ‘оставете ја, таа е почината’. Носев изолационен апарат со кислород, па така можев да влезам во задушената просторија. Со колегите се распознававме само по униформата, лицата не се гледаа. Почнавме заедно, а огнот се ширеше одвнатре, а во ист момент и гасевме и спасувавме“, рече Апостолов.

Тој додаде дека се движел низ просторијата со маска и црево за гасење, минувајќи преку луѓе кои лежеле на подот, со цел да се спречи понатамошно ширење на пожарот.

„Се упатив преку луѓето да го гасам огнот, бидејќи таму беше преголема температура и ако не гасевме, сите ќе загиневме. Помагавме сите, и пожарникарите и обезбедувачите, ама беше многу тешко, премногу. Лицата беа во бесознание, за да ги кренеш ти треба помош, не можеш сам“, сведочеше тој.

Спасените лица, како што објасни, биле извлекувани и оставани пред влезот на дискотеката, по што пожарникарите повторно се враќале внатре.

„Ги остававме на црвениот тепих пред дискотеката, еден до друг, и продолжувавме да спасуваме други лица. Имаше многу, најмногу пред тоалетот“, изјави Апостолов.

Пожарот, според сведочењето, бил во целосно распламтена состојба, а пламенот зафатил повеќе делови од објектот.

„Можам да кажам дека гореше плафонот и дел од шанковите. Околу 4:30 часот нашата интервенција заврши. Извлековме лица кои беа видно изгорени“, рече сведокот.

По гаснењето и евакуацијата, пожарникарите продолжиле со пребарување на објектот, при што биле извлечени и последните жртви.

„Кога се расчисти сѐ и сите излегоа, тогаш ние пребарувавме и ги извлековме и последните жртви од пожарот во ‘Пулс’“, заврши Апостолов.

Преживеаното девојче Сара Велинова, која се онесвестила за време на пожарот во кочанската дискотека Пулс, и за среќа потоа се разбудила надвор на паркингот, речиси задушена, кажа дека плафонот на диското баш над бината и баш над огнените прскалки, бил спуштен.

20-годишната Сара рече дека не се сеќава дека некој давал насоки за движење и евакуација, додека барала спас кон излезот.

И момчето Бранислав Веселинов сведочеше дека на 16 март лани отишол на концертот на ДНК откако купил карта и не добил фискална сметка, исто како што сведочеа и други преживеани гости. Не се сеќава дали видел обезбедување таа вечер и дали имало лице кое ги насочувало луѓето по избивањето на пожарот.

Тој раскажа како настанало стампедото кое го сомлело, но му подало рака некое дете кое подоцна му било цимер во болницата. Сведокот имал изгореници на левата рака, на прстите, на ушите и носот. Некоја жена го собрала по пат и го однела во болница. Бил во кочанската, па во штипската и на крај завршил на Клиника во Скопје.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле користени без дозвола. Дискотеката со години работела без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Судењето продолжува на 19 февруари со нови сведоци.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ