сабота, 27 декември 2025

Во Прилеп отворена изложбата „Балканскиот јунак Марко“, со идеја да биде трајна

Крали Марко е мост меѓу историјата, митот и традицијата, беше речено на отворањето на синоќешната изложба насловена „Балканскиот јунак Марко“ во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Објавено на

часот

Сподели

На 16 паноа е претставен ликот на Крал Марко, историска личност која е меѓу најзастапените во литературата, уметноста, во движното и недвижно културно наследство, во народната традиција не само кај македонскиот, туку и кај сите народи на Балканот. Забележани се фактите за крал Марко во топоними, во литературата, уметноста. Неговиот лик е претставен само на две фрески: во манастирот „Архангел Михаил“ во Варош- Прилеп и во Марков манастир во Маркова Сушица, Скопско.

Повод за изложбата на музејот е одбележувањето 690 години од неговото раѓање и 630 години од неговата смрт.

„Крал Марко живеел од 1335 до 1395 година. Бил ‘дипломат’, турски вазал, а негови ‘траги’ има насекаде. Тој преговара со дубровчаните, ‘соработувал’ со Турците, го слават Србите, Бугарите, Црногорците, пошироко на Балканот. Дури е забележана негова слава и во Америка. Нема причина да не го славиме и да не го претставиме како балкански јунак. Освен тоа, голем дел од препознатливоста на градот Прилеп е поврзана со него“, рече Рубин Белчески, историчар во прилепскиот Завод и музеј и автор на изложбата.

Промоторот на изложбата Слободан Беличански ја потенцираше идејата на авторот за музејската поставка за Крал Марко да стане трајна.

„Низ поставката која целосно ги пренесува сите аспекти на анализирањето на ликот на Крал Марко, авторот Белчески ја акцентира идејата за музеј за балканскиот јунак Марко, лоциран во Прилеп како едукативен и културен центар за дијалог и зближување на балканските и другите народи и култури“, рече Беличански на отворањето на изложбата во прилеп „Балканскиот јунак Марко“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ