петок, 12 декември 2025

Во полициска акција, уапсена поголема група осомничени, на диво приредувале игри на среќа

Полицијата синоќа спровела голема акција насочена кон сузбивање на илегални игри на среќа и незаконско работење на казина. При тоа, биле извршени претреси на повеќе локации, при што биле пронајдени поголема сума пари, како и опрема за коцкање, вклучувајќи маси за покер, чипови и карти. Дополнително, при претресите била пронајдена и дрога. Во акцијата е уапсена поголема група осомничени, а по документирање на случајот истите ќе бидат донесени пред надлежното јавно обвинителство. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека ќе бара ефективен притвор за седуммина осомничени, а за осмиот ќе бара куќен притвор.

Објавено на

часот

Сподели

Како што сооопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), вчеравечер и во текот на ноќта, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, била реализирана акција која е резултат на неколкумесечна предистражна постапка поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела поврзани со перење пари и неовластено приредување игри на среќа. Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за финансиски истраги извршиле претреси на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје и околината, при што биле пронајдени поголемо количество реквизити за играње на игри на среќа (карти, чипови, професионални маси за покер и друга опрема), значителен износ на пари и во денари и во евра, возила за кои постојат докази дека се набавени во период додека траеле предистражните дејствија, а била пронајдена и дрога. На една од локациите беа затекнати и 14 луѓе кои во моментот играле игри на среќа.

Постапувајќи по кривичните пријави, јавниот обвинител донел наредби за спроведување на две истражни постапки со кои се опфатени вкупно осуммина.

„Во првата истражна постапка се опфатени шест лица за кои постои основано сомнение дека тие и други засега непознати лица создале група која континуирано и координирано организирала недозволено приредување игри на среќа без поседување лиценца или одобрение од надлежен орган согласно Законот за игрите на среќа и забавните игри. Групата, од февруари годинава до вчера, со цел стекнување несразмерна имотна корист, организирала игри на среќа на три локации во Скопје. Осомничените обезбедувале играчи и договарале термини за игра на омаха, покер, круг и бриџ. Игрите се одржувале во точно определени денови, со утврден број играчи и со однапред договорени правила и влогови. Групата поседувала каса за уплата и исплата на играчите и за покривање трошоци за клубот, ангажирале лица за средување на масите, како и лица–играчи кои за надомест ги делеле картите“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.

Со овие дејствија уапсените се осомничени дека сториле две кривични дела злосторничко здружување и приредување игри на среќа без лиценца или дозвола од Законот за игрите на среќа и забавните игри и притоа се стекнале со значителна имотна корист.

„Во втората истражна постапка е опфатен еден од осомничените од првата постапка, како и уште две други лица. Тие се сомничат дека се стекнале со противправна имотна корист во износ од 7.583.784 денари, која ја пуштиле во оптек преку примање и преземање парични средства прибавени со кривично дело „Лихварство“ од чл. 260 ст. 2 од Кривичниот законик. Средствата ги внесувале во готово на свои сметки, примале пари од сметки на трети лица и ги употребувале за купување недвижен имот, за плаќање обврски по кредит за недвижен имот, како и за водење на луксузен начин на живот. Според дејствијата опишани во наредбата, двајца осомничени како соизвршители сториле продолжено предикативно кривично дело лихварство и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, за кое е осомничена и сопругата на првоосомничениот. Ценејќи дека се исполнети условите за определување мерка притвор, јавниот обвинител ќе предложи до судијата на претходна постапка определување на мерка ефективен притвор за седуммина осомничени и мерка куќен притвор за осомничената“, информираа од ОЈО ГОКК.​

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ