„Со СДСМ делиме исти идеолошки вредности, имаме компатибилни програмски цели и пензиски политики, и соработуваме на принципиелни основи. Наш приоритет останува правично, стабилно и долгорочно остварување на интересите на пензионерите во земјата“, изјави потпретседателот на Партијата на пензионери, Миле Андоновски.
На денешната прес-конференција во Скопје тој соопшти дека во наредните денови, претставници на партијата ќе остварат директен контакт со локалните изборни штабови на СДСМ и коалицијата, со цел активно вклучување во нивните предизборни и изборни активности.
На прашањето што доколку останатиот дел од раковоството и членството на партијата не се согласува со нивната одлука, тој рече дека тогаш би дошло до поделба на партијата.
Истовремено, членови на партијата информираат дека одлуката на Извршниот одбор за коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива, поради, како што велат, бројни критики, разочарување и револт меѓу членството. Како главни причини за отфрлање на оваа одлука се наведуваат несоодветното образложение, потенцијалното фаворизирање на лични политички амбиции на поединци, како и идеолошките разлики и несогласувања во пензиските политики меѓу двете партии.
„Нелогично е преминувањето преку постоечките разидувања во идеологијата и прокламираните пензиски политики и мерки на ВМРО-ДПМНЕ со идеологијата и пензиските политики на ПП утврдени во програмата, што води кон обезличување на ПП и губење на нејзиниот политички идентитет“, рече меѓу другото Андоновски.
Членови на партијата се против „популистичките пензиски политики на актуелната власт“, меѓу кои ја наведоа мерката за линеарно зголемување на партиите, кои ги оценуваат како обид за предизборен поткуп на пензионерите.






