недела, 29 март 2026

Во Париз одбележани 95 години од смртта на д-р  Анастас Коцарев

Во организација на здружението „Заборавени Македонци“ од Париз и париската општина Бонди денеска на старите градски гробишта се одржа чествување/комеморација за истакнатиот македонски онколог и светски признат научник охриѓанецот д-р Анастас Коцарев по повод 95 години од неговата ненадејна смрт во Париз и 136 години од неговото раѓање.

Објавено на

часот

Сподели

За ликот и делото на д-р Анастас Коцарев говореа градоначалникот на општина Бонди Стефен Ерве и македонскиот амбасадор Игор Николов.

Градоначалникот Ерве пред гробот на д-р Коцарев уште еднаш ги реафирмира силните француско-македонски културни врски и поврзаност меѓу Охрид и Бонди преку ликот и делото на д-р Коцарев и неговата трагична судбина и прерана смрт кои речиси еден век го оставија научникот да биде заборавен од светот. Од име на општината, Ерве положи свежо цвеќе на гробот на Коцарев.

Амбасадорот Николов истакна дека „д-р Коцарев ги постави темелите врз кои се гради светската научна мисла од областа на радиологијата и онкологијата и македонската научна мисла и национална свест“.

Тој гробот на Коцарев го нарече „место на сеќавање, место на почит и инспирација и дека неговите научни истражувања претставуваат мост меѓу Македонија и Европа и доказ дека талентот и упорноста не познаваат граници помеѓу луѓето и помеѓу државите“.

Кулминација во одбележувањето на научната и патриотска дејност на Анастас Коцарев се случи во македонската амбасада во Париз каде амбасадорот Николов организираше прием и ја отвори изложбата на која се најдоа оригинални изданија на книги од д-р Коцарев и пропаганден архивски материјал издаван од Главниот совет на македонските друштва во Швајцарија во текот на Париската мировна конференција во 1919 година со иницијативи и предлози до преговарачите на конференцијата за извојување на независна држава Македонија. Македонскиот амбасадор Николов зборуваше за важната улога на неговите потомци, истражувачи и ентузијасти кои не дозволија овој голем научник и патриот повторно да биде заборавен.

Во чест на светски познатиот научник и 95 години од неговата смрт, амбасадорот Николов  уникатната резбана сала во амбасадата ја именуваше по македонскиот онколог во „Салон д-р Анастас Коцарев“. Овој гест беше поздравен со воодушевување од присутните. Амбасадорот обелодени дека салонот е дело на охридските резбари и донесени се во амбасадата по нејзината комплетна реставрација и ова е еден симболичен спој на Коцарев со уметничкиот дострел на неговите сограѓани – охридските резбари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ