понеделник, 9 март 2026

Во очекување на криза со горивата, ексју–регионот се потсетува на системот „пар-непар“

Десетина дена по почетокот на најновиот блискоисточен судир меѓу Израел, САД и Иран, граѓаните на земјите од поранешна Југославија, веќе реално ги чувствуваат последиците – со појава на паника за недостиг на гориво на бензинските пумпи и покрај „кенгурскиот скок“ на цените. Оваа ситуација, многумина потстети на слична криза со снабдување со горива од осумдесеттите години на минатиот век, кога беше воведен рестриктивен систем на возење – „пар – непар“, т.е. во одредени денови не смееја да се возат автомобили чии регистарски таблички завршуваа на парен, односно непарен број.

Објавено на

часот

Сподели

Од утре значително поскапи горива во Македонија

Денеска, македонската регулаторна комисија донесе одлука, од полноќ дизелот да поскапи за 14,5 денари, а бензините за 5 денари. Но на социјалните мрежи граѓаните реагираат дека освен што е поскапо горивото, веќе е ограничена и количината што може да се наточи, а на одредени бензински станици вчера имало и привремен недостиг на горива.

Во врска со информациите дека на одредени бензински пумпи во пограничните општини е забележан недостиг поради зголемената побарувачка, премиерот Мицкоски вчера изјави дека Државниот пазарен инспекторат е на терен.

„Забележани се такви однесувања на некои пумпи во погранични општини, затоа што има голем притисок од соседните држави, каде цената на енергенсите е за повеќе од 40 до 50 проценти повисока од кај нас“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека разликата во цените е значителна и како пример ја наведе Србија, каде што, како што рече, цената на горивото е меѓу 120 и 130 денари за литар, додека во Македонија е околу 71 денар.

„Како резултат на таквиот притисок имаме огромно зголемено количество на трошење на нафта и нафтени деривати и можеби поради тоа на одредени бензински пумпи има недостиг на количини“, додаде премиерот.

Според информациите што ги добил од Државниот пазарен инспекторат, на територијата на целата држава граѓаните и бизнисите непрекинато се снабдуваат со нафта и нафтени деривати.

Мицкоски нагласи дека државните резерви можат да покријат целодневен конзум повеќе од 62 дена и оцени дека снабдувањето е повеќе од одлично.

Паника во регионот од недостиг на горива

Возачите во делови од Словенија во изминатите денови се соочиле со неочекуван проблем – на одредени бензински пумпи на Петрол привремено снемало гориво. Според сведоштва на граѓани, на некои локации недостасувале дизел, бензин, па дури и мазут за греење.

Еден од најконкретните случаи е забележан во Ново Место, на бензинската пумпа на Топлишка улица, каде што вработените потврдиле дека резервите биле целосно исцрпени. „Во моментов немаме ништо“, изјавиле од пумпата, додавајќи дека се очекува испорака на бензин и дизел, но не и на мазут, соопштува Журнал 24.

Граѓани од различни делови на Словенија во последните денови се жалат на социјалните мрежи дека не можат да набават гориво или мазут за греење. Се смета дека причината е нагло зголемената побарувачка, особено пред најавеното поскапување на горивата, кое се очекува во вторник поради растот на цените на светските пазари поврзан со конфликтите на Блискиот Исток.

Некои корисници дури шпекулираат дека компаниите намерно ја намалиле понудата во очекување на повисоки цени. Сепак, од Петрол ги отфрлаат ваквите тврдења.

Слични потешкотии пријавуваат и од гррпацијата МОЛ, вториот најголем снабдувач со нафтени деривати во земјата, кој управува со бензински пумпи под брендовите МОЛ и ИНА. Од компанијата информираат дека целата недела ги засилиле испораките кон бензинските станици, но поради огромната побарувачка – која на некои места била повеќекратно поголема од просекот, понекогаш се случува одреден вид гориво привремено да снема.

Здружението на нафтени компании на Црна Гора (УНКЦГ) предупреди дека постои сериозен ризик од прекин во снабдувањето со гориво во земјата, бидејќи цените кај добавувачите – особено на еуродизелот – се за 30 отсто повисоки од цените што моментно важат.

На некои бензински пумпи веќе снемало гориво, а поголемиот дел од останатите пумпи би можеле да се соочат со истите проблеми од утре, пишува подгорички „Вијести“.

Од друга страна, министерот за енергетика и рударство, Адмир Шахмановиќ тврди дека недостиг од гориво во Црна Гора нема да има. Тој за Телевизија „Вијести“ потврди дека од вторник се очекува значително поскапување на горивата, но не за 16 центи како што тврдат од Здружението на нафтени компании, туку околу 14 центи по литар дизел, додека бензинот, според нивните проценки, ќе поскапи за 6, а не за 7 центи.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ потсети дека за денес е закажана седница на Советот за обезбедување безбедно снабдување на пазарот со нафтени деривати.

Владата на Србија пак, на вонредна седница одржана денеска, донесе одлука за забрана на извоз на нафта и сите нафтени производи за погон на мотори.

„Забраната се однесува на извоз на дизел, бензин и сирова нафта за сите видови транспорт од 19-ти март, по што ќе донесеме дополнителни одлуки. Суштината на оваа забрана е заштита на домашниот пазар од недостигот и скокот на цените, во ек на глобалните нарушувања на светскиот пазар“, изјави министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, се наведува во соопштението на министерството.

Таа потсети дека и Србија е земја во која граѓаните плаќаат поевтни нафтени деривати во однос на нивата реална цена на берзата, и дека државата го прави тоа да ги заштити граѓаните и економијата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ