Oдделението за заштита и мониторинг на Националниот парк Маврово на 60 локации низ територијата на паркот потави камери. Поставувањето на опремата, како што наведуваат од НП „Маврово“ е во согласност со законски надлежности и обврски и се однесуваат на заштита, унапредување и одржливо управување со природните вредности, биолошката разновидност и екосистемите.

„На ваков начин ќе се следат дивите видови животни и нивната бројна состојба. Освен тоа ќе се овозможи превенција и рано откривање на незаконски активности, како што се бесправна сеча, лов, загадување, уништување на природните ресурси и други дејствија што можат да предизвикаат штета врз животната средина“, стои во соопштението од НП „Маврово“.
Со видеонадзорот ќе се овозможи и подобро следење на состојбите во природата, движењето на дивите животни и навремена реакција од страна на надлежните служби, со што се унапредува севкупната заштита и управување со паркот.

Од управата на најголемиот национален парк во Македонија упатуваат апел до посетителите да се придржуваат кон правилата за движење и престој во рамки на паркот, да ја почитуваат природата и да постапуваат одговорно во зачувувањето на природното богатство.






