„Јас би сакал пробниот период за ’сејф сити’ да биде најмалку месец до месец и половина пред 1 јануари 2026 година. Со технички подготовки ќе стигнеме, да. Со техничките работи што треба да се преземат ќе стигнеме. Се надевам дека ќе стигнеме и со законската регулатива“, рече Тошковски.
Датумот за пробниот период зависи од неколку закони, од кои дел се во собраниска процедура, како што се Законот за безбедност во сообраќајот и Законот за прекршоци. Измените на Законот за возила поврзани со имплементирање на „сејф сити“ се поминати во парламентот. Остануваат Кривичниот законик и Законот за извршување санкции.
Прашан дали дилемите се околу конфискацијата на возила, Тошковски вели дека за него е јасно какви треба да бидат санкциите.
„Јас немам дилема дека кога одредено лице ќе стори кривично дело, а притоа нема возачка дозвола, тоа возило треба да биде трајно одземено од тоа лице. И такви компаративни искуства има и во други држави. Словенија, еве, ќе ја земам за пример. Јас немам никаква дилема дека оној којшто ќе стори безобѕирно управување на моторно возило и ќе управува моторно возило повеќе од 70 км/час во град над дозволеното, значи тоа би значело – ако е дозволено 50, тој да управува над 120, или повеќе од 90 км/час на отворено, тоа значи ако е дозволено 120, тој да вози 210, по вторпат, како рецидивист, така беше предложено во она коешто последно го имавме како предлог-текст, да се одземе возилото трајно“, вели Тошковски.
Според него, автомобил треба да се одземе и кога се користи како средство за сторување кривично дело, како, на пример, при нелегално учество во трки на булеварите.
Прашан, кој има дилема, министерот одговара: „Имаат дилема одредени експерти коишто ги имаме консултирано во рамки на овој процес. Тие мислат дека е престрого да се оди со таков тип задолжителни казни. Иако, кога станува збор за повторено безобѕирно управување на возило и возило управувано од лице кое никогаш не полагало возачки испит, експертите се едногласни за конфискација“.
Со оглед дека реформата со „сејф сити“ е започната пред повеќе од една деценија, првиот човек на полицијата вели дека таа чини многу, но дека е поважно да се заштитат граѓаните.
„Сакам да кажам дека 142 смртни случаи секоја година е премногу за една вака мала и убава држава. Ако просекот на загинати луѓе во Норвешка на милион жители е под 20, ако просекот на загинати луѓе во скандинавските земји е под 30 на милион жители, а просекот во Македонија е помеѓу 70 и 80, значи ние сме катастрофални“, рече Тошковски.






