Извештај на ДЗР

Во Министерството за односи меѓу заедниците се точело гориво на државна сметка во приватни автомобили

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година, како и ревизија на усогласеност. Ревизорите изразиле неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и нивната усогласеност со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

часот

Според наодите, утврдени се слабости во евидентирањето и користењето на средствата со кои располага Министерството. Констатиран е нецелосно спроведен попис на средствата и обврските заклучно со 31 декември 2024 година. Дури 28 проценти од вкупните основни средства, со сегашна вредност од 1,565 милиони денари (околу 25.360 евра), не биле пронајдени при годишниот попис. Дополнително, поради невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување со опрема, не биле пронајдени ниту 30 преносни компјутери.

За седум моторни возила не била воспоставена сметководствена и материјална евиденција. Воедно, за побарувања од вработени во износ од 2,102 милиони денари (околу 34.000 евра), кои потекнуваат од периодот 2012–2020 година, Министерството не располага со документација од која може да се утврди кој должи и во кој износ.

Ревизијата на документацијата за реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженија и фондации за 2023 година покажала повеќе слабости. На 33 здруженија и фондации им биле исплатени 19,8 милиони денари (околу 320.900 евра).

Програмата била донесена со задоцнување, во октомври 2023 година, иако Буџетот за 2023 година бил усвоен на 27 декември 2022 година. Следењето на спроведувањето на активностите било во надлежност на одделение во кое, во периодот на реализација, не било пополнето ниту едно од предвидените девет работни места.

Комисијата составена од 18 членови не обезбедила документација за извршеното бодирање на 138 апликации. Дел од здруженијата доставиле документација на албански јазик без превод на македонски, што не е во согласност со законските одредби.

Од вкупно 33 здруженија, 17 (51 процент) треба да вратат средства во Буџетот во износ од 1,225 милиони денари (околу 19.850 евра), поради недоставени докази за трошење. До денот на ревизијата, 14 здруженија вратиле 361 илјада денари, со две се води постапка за медијација, а за едно е поведена судска постапка за поврат на 600 илјади денари.

Исплата на плати и организациски слабости

За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени биле исплатени 165,010 милиони денари. За 150 вработени (61 процент), ангажирани преку Потпрограмата К5 – Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи, исплатата се вршела без обезбеден доказ за присутност и полно работно време, и покрај постоењето електронска евиденција.

Заклучно со 31 декември 2024 година, од предвидените 2.556 работни места биле пополнети само 244, односно околу 10 проценти. Во 2025 година е започната функционална анализа за подготовка на нови акти за внатрешна организација и систематизација, но до денот на ревизијата таа не била изработена.

Ревизорите утврдиле слабости и во делот на јавните набавки. За нафтени деривати биле исплатени 516 илјади денари без контрола на регистарските таблици и видот на горивото, што овозможило полнење гориво и за возила кои не се во сопственост на Министерството.

Во две постапки не било побарано објаснување за невообичаено ниски понуди – 0,01 денар за еден работен час сервисирање и 0,01 процент провизија за угостителски услуги. Дел од фактурите содржеле ставки што не биле предвидени во тендерската документација, а за извршените услуги немало приложени работни налози.

Кај договор за услуги од авторска агенција во вредност од 11,8 милиони денари, иако бил предвиден услов за поседување лиценца, не бил побаран доказ за исполнување на тој критериум.

Ревизијата на 18 постапки утврдила и недоследности во примената на Законот за јавните набавки, меѓу кои необјавување на сите изјави за судир на интереси, склучување поединечни договори наместо рамковни спогодби и потпишување договори без претходно доставена банкарска гаранција.

Дополнително, за договори поврзани со одбележување значајни настани во вредност од 9,6 милиони денари, биле исплатени над 5,2 милиони денари без соодветна поткрепувачка документација, што не овозможува потврда дека услугите реално се извршени.

Ревизијата констатирала и отсуство на интерни процедури, недоволно воспоставени внатрешни контроли и неспроведување на функцијата на внатрешна ревизија поради непоседување соодветни овластувања и искуство.

За надминување на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија дал препораки за преземање мерки и активности од надлежните институции и одговорните лица, со цел обезбедување транспарентно и соодветно користење на јавните средства.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ