понеделник, 8 декември 2025

Во Маврово пак некој се обидува да „протне“ изградба на хотели без урбанистички план

Вчера заврши рокот за јавен увид на изработен урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за формирање градежни парцели, односно традиционални куќи за потребите на туризмот на територијата на Националниот парк Маврово. Медат Куртовски, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, кој ги брои последните денови од неговото управување со општината, оваа одлука ја потпишал на 30 октомври, по завршувањето на првиот круг од локалните избори (19 октомври), кога веќе се знаеше дека нема да има втор круг во оваа општина. Куртовски не беше ни кандидат, но и покрај сите контроверзи во неговото работење за време на неговиот двоен мандат, тој до последен момент се обидува нешто да протне.

Објавено на

часот

Сподели

Во определениот рок, како што дознаваме, до Општина Маврово Ростуше стигнаа реакции од Националниот парк Маврово, од ЕСМ и од невладината организација Спас за Маврово.

Се работи за урбанистички проект во близина на одморалиштето Бунец, во атарот на селото Дуф каде што има далекуводи и резервоари за вода. И тука се користи формулацијата „урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за формирање градежни парцели ГП_1.1 со мешана намена М/А4.7, традиционални куќи за потреби на туризмот (селски, планински, езерски) и Б5.1 – хотелски комплекси, и ГП_1.2 со намена Е1.8 – трафостаница“. Ова, „вон опфат на урбанистички план за формирање градежни парцели“ е моделот кој се злоупотребува кога нема Детален урбанистички план. А тоа со години се прави во Маврово.

Според тимот на Спас за Маврово, изградба на хотелски комплекси (Б5.1) претставува значајна стопанска и туристичка инвестиција од поголем обем, која по својата природа генерира потреба од сеопфатно урбанистичко планирање. Таквиот зафат би имал сериозни импликации врз комуналната инфраструктура (водовод, канализација, електрична енергија…). Не случајно во планот е предвидена и трафостаница,  сообраќајна мрежа… со што се доведува во прашање заштитата на животната средина.

„Самата намена и обем на планираните градби (хотелски комплекси) директно ја потврдуваат економската оправданост и неопходноста од донесување на детален урбанистички план. Системот на урбанистичко планирање, како што е уреден со Законот за урбанистичко планирање, има за цел да обезбеди одржлив и интегриран развој, а не парцијално решавање на просторот преку исклучоци кои се наменети за поединечни градби од помал обем каде донесувањето на цел план би било навистина економски неисплатливо“, пишува во писмото на Спас за Маврово доставено до Општина Маврово Ростуше.

Тие предлагаат општината да ја прекине постапката за одобрување на предметниот урбанистички проект вон опфат на урбанистички план, бидејќи не се исполнети законските услови за примена на исклучокот од член 58, став (6) од Законот за урбанистичко планирање. Овен ова се предлага да се почне постапка за изработка и донесување на соодветен Детален урбанистички план за предметното подрачје во КО Дуф. На тој начин ќе се овозможи сеопфатно и одржливо планирање на просторот, со соодветно вклучување на јавноста и почитување на начелата на урбанистичкото планирање.

Инаку, оваа општина е позната и по тоа што во март годинава полицијата го приведе раководителот на секторот за урбанизам на Општината Маврово Ростуше, Садредин Елезоски, кој беше фатен со 13.000 евра поткуп на рака.

Само годинава Медат Куртовски потпиша триесетина решенија, потврди за градби вон урбанистички планови за изградба  на разни објекти, хостели, пансиони и згради со апартмани околу Мавровското Езеро. Се разбира, овие предмети претходно поминале преку Комисијата за урбанизам на општината, а таму прв член е токму Садредин Елезовски.

Здружението Спас за Маврово на 27 февруари објави соопштение за овие нелогични одлуки на градоначалникот кога се знае дека Уставниот суд неодамна ги укина урбанистичките планови во овој регион. Ги повикуваме надлежните органи да го запрат ова самоволие на општинските органи, апелираа тогаш од Спас за Маврово.

Интересно е и тоа дека и во оваа група одобренија, најчесто споменуваното биро за урбанистичко планирање е токму „Пологпроект про“ од Гостивар. Токму ова друштво за просторно и урбанистичко планирање беше дел од документацијата на поголемиот дел од сомнителните дозволи за изградба на згради, апартмани, хостели… распослани околу Мавровското Езеро без никакво почитување на тоа дека се работи за Национален парк и на капацитетите на инфраструктурата

Така е и сега, за овој нов план кај Бунец.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ