Додека палестински деца умираат од глад, македонското собрание не само што не го осуди ционизмот на Израел (за разлика од многу европски држави) – туку не се уважува барем срамежливо да побара хуманитарна помош пред најголемиот геноцид на нашето време“, напиша на својот фејсбук-профил пратеничката на Левица, Јована Мојсоска.
Таа вели дека од народ кој во Втората светска војна извојувал победа против фашистичкото зло и се позиционира на правилната страна на историјата, денес со партии со „неоколонијален и вазален менталитет“ се молчи додека деца умираат од глад.
„Се срамам од генерација која е апатична, индиферентна и колаборационистичка пред најголемото злосторство на нашето време“, го завршува својот коментар Мојсоска.
Во резолуцијата која беше поднесена во македонското Собрание се бара од државата Израел да дозволи итно воведување хуманитарна помош (храна, медицински материјали и логистичка поддршка) за цивилното население во Газа, во согласност со меѓународното право, како и одлуките на релевантните меѓународни тела и организации. Со резолуцијата исто така се бараше ОН, Европската Унија, Исламската конференција и сите други меѓународни организации да го зголемат дипломатскиот и хуманитарниот притисок врз Израел за прекин на хуманитарната блокада и подобрување на условите за цивилите.
Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изрази револт и длабоко разочарување од одлуката на Собранието на Македонија да не ја изгласа предлог-резолуцијата за овозможување непречен влез на храна и медицински средства за цивилите во Појасот Газа.
„Ова молчење на македонските пратеници е целосно недостојно за земја која ја носи традицијата на хуманизам и солидарност од нашите предци. Во македонскиот парламент само 16 пратеници ја поддржаа хуманитарната иницијатива, додека сите останати пратеници од владејачкото мнозинство и дел од опозицијата гласаа воздржано или против. Ова не е време да анализираме дали резолуцијата е предложена од опозицијата или од владејачките партии – време е да делуваме со мерки што ќе им помогнат на луѓето во нужда во Појасот Газа.
Ја повикуваме Владата итно да ги активира сите достапни механизми, вклучително и редуцирање на дипломатските односи за да се зголеми меѓународниот притисок врз Израел и да се обезбеди хуманитарна помош за жртвите во Газа. Секоја минута молк значи уште изгубени животи на деца, родители, цели семејства кои умираат од глад и болест“, се вели во реакцијата на ДОМ.






