Овие резултати покажаа дека речиси секој трет испитаник (32 отсто) одговорил дека користел канабис во последните 12 месеци, а по него следат бензодиазепините (26 отсто) и CBD производите со ниско ниво на THC (25 отсто). Кокаинот го користеле 18,4 отсто од учесниците во истражувањето, а екстази/МДМА — 9,3 отсто. Меѓу останатите психоактивни супстанции кои се појавуваат во резултатите се и aмфетамин – 10,7%, eкстази/МДМА – 9,3%, магични печурки – 6,6%, ЛСД – 5,2%, нови психоактивни супстанции – 4,7%…
Загрижува податокот дека 53 отсто од корисниците на канабис признале дека управувале возило во рок од четири часа по употреба.
Повеќето корисници (97%) ја користат марихуаната во форма на џоинт, а над половината изјавиле дека го делат со други. Марихуаната најчесто се купува – тоа го прават 79% од испитаниците, 15,9% ја добиваат бесплатно, а 2,1% ја одгледуваат самите.
Анкетирани се 862 испитаници на возраст од 25 до 44 години од кои 57 отсто имале завршено високо образование, 70 отсто биле вработени со полно работно време, а 88,4 отсто живееле во град, од кои половината во Скопје. Повеќе од половина имале примања под просечната плата.
Речиси една четвртина од испитаниците користеле производи со CBD и/или со ниско ниво на THC, најчесто во форма на сушена билка (58,8 отсто), цигари или џоинт (55 отсто) и масла (40 отсто).
Како главна мотивација се наведуваат намалување на стресот (65,4 отсто), подобрување на спиењето (56,8 отсто), справување со депресија и анксиозност (45,7 отсто) и социјализација (39,5 отсто).
Најчестата возраст за прва употреба е 16 години, употребата најчесто се случила дома (72,7 отсто).
Повеќе од половина од испитаниците не пријавиле несакани здравствени ефекти, но дел од корисниците забележале проблеми со меморијата, анксиозност, паника и промени во телесната тежина.
Кокаинот го користеле 18,4 отсто од испитаниците, а 91,4 отсто од нив користеле кокаин во прав. Најчесто причината за користење била социјализација, проследено со зголемување на расположението, спротивставување на ефектите од алкохолот и релаксација. Кокаинот се користел најмногу во клубови и барови, дома и на фестивали. Речиси сите корисници го консумирале кокаинот преку шмркање.
ИЈЗ го истакнува податокот дека многу мал процент од испитаниците побарале третман за употреба на дрога (1,5%).
„Ова укажува на значителен јаз помеѓу потребата за интервенција и пристапноста или подготвеноста да се побара помош. Во сите региони, дрогата за која најголем дел од испитаниците побарале третман е канабисот, а потоа кокаинот и опиоидите“, наведено е во истражувањето.
Европското веб истражување за дроги – European Web Survey on Drugs (EWSD) е истражувачка иницијатива координирана од Агенцијата за дроги на Европската унија – European Union Drugs Agency (EUDA), спроведена низ Европа за прв пат во 2016 година.
Во делот на препораки, наведено е дека е потребно да се зајакне превенцијата и едукацијата, да се прошират услугите за намалување на штетите, да се зајакнат кампањите за подигање на јавната свест за ризиците од возење под дејство на канабис и други супстанции (имајќи предвид дека 53 отсто од корисниците на канабис го признале ова однесување), а потребно е и да се подобрат услугите за третман и поддршка како и да се регулира и следи пазарот на дроги.