Универзитетскиот професор Хаџи-Јанев истакна дека македонските институции се на почетно ниво за ефикасно справување. Социјалните алтернативни медиуми се генерално најранливиот канал од каде доаѓаат овие предизвици и се идеални за манипулирање.
„Наративно постои свест, но реално многу малку се прави. Единствениот документ е Стратегијата за справување со хибридни закани во која има многу цитати, текстот е академски, но со малку оперативни активности. Во однос на сајбер криминалитетот, во Македонија постои ниско ниво на свесност. Има лоши капацитети државата за справување со овој проблем. Постои проблем со управувањето. Сајбер просторот главно го доминираат од ИТ експерти, многу малку експерти од другите области – од правната фела, од безбедносната фела, кои дел од ова. Управувањето и процената на ризик кај нас засега се мисловна именка во овој дел, што претставува сериозен проблем“, кажа Хаџи-Јанев.
Во препораките на студијата на Хаџи-Јанев се посочуваат – воспоставување на национален центар за мониторинг и анализа, деполитизација на јавната администрација, подобрување на механизмите за кризни комуникации, законски регулативни мерки или ревидирање на постоечките закони и пополнување на вакуумот кој беше идентификуван.
„Зајакнување на надзорот на онлајн платформите. Интеграција на европските и НАТО препораките за борба против дезинформации. Јакнење на медиумската отпорност и транспарентност, поддршка за развој на независни центри за проверка на факти. Зголемување на транспарентноста во работата на медиумите. Унапредување на јавниот сервис и независните медиуми преку промовирање на професионално новинарство. Одржување и унапредување на медиумската и информациската писменост. Поддршка за јавни кампањи против дезинформациите и стимулирање на истражувачката и академската анализа. Продлабочување на партнерството со НАТО и ЕУ. Јакнење на организациите со меѓународните организации и развивање на регионални механизми за размена на информации“, рече Хаџи-Јанев.
Конрад Блејер-Симон при презентацијата на неговата студија нагласи дека на годишно ниво во земјава се регистрираат од еден до пет напади. Потенцира дека најважно е мерките за справување со странското мешање и манипулирање со информациите да ги предложат независни агенции.
„Под странско мешање и манипулација со информации се подразбира и хидбридна војна и затоа е потребна соработка на институции од различни полиња, од одбранбен, безбедносен и медиумски аспект. И социјалните медиуми играат голема улога во амплицирање на овие дезинформации, затоа што тие работа врз основа на алгоритамско рангирање кои го фаворизираат ширењето на содржина со низок квалитет, која предизвикува поделби, креираат модел во којшто луѓето можат многу брзо да создадат нешто со низок квалитет. Сега можат да користат и вештачка интелигенција за таа цел. И кога има содржина која предизвикува поделби, тогаш тогаш тоа ќе биде повеќе споделувано од луѓето и тоа ќе ги одржува луѓето подолго време на платформата“, рече Блејер-Симон.
Генерал д-р Павле Арсоски, претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност нагласи дека Македонија како геостратешки важна држава на Балканот, членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија е изложена на овие закани кои бараат од нас да се координираме и да делуваме интегрирано, институционално, законодавно, во единствено општество.
„Во современиот безбедносен контекст дезинформациите, сајбер операциите и медиумските манипулации стануваат се почесто средство за политичко, економско и идеолошко влијание врз државите и нивните институции. И нашата земја како дел од глобалната безбедносна архитектура и како земја која чекори по европскиот пат, не е имуна на ваквите предизвици. Манипулацијата со информациите претставува закана која директно влијае врз демократските процеси, јавната доверба во институциите и општата стабилност. Тоа е хибридна форма на закана која не се манифестира само преку класични безбедносни канали, туку продира и во општествените вредности, медиумите, образованието и политичкиот дискурс“, рече Арсоски.
Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии истакна дека за препознавањето и справувањето со странското мешање и манипулирање со информации потребна е институционална зрелост и општествена отпорност.
„Нашиот фокус е да ја кренеме темата за малициозното и наменско манипулирање со информации кое доаѓа од надворешни актери – државни или недржавни повисоко во јавниот дискурс. Целта ни е заеднички да укажеме на штетните последици од ваквите софистицирани тактики и техники кои тешко се препознаваат, иако многу вешто го запоседнуваат јавниот простор, влегуваат преку културата, религијата, бизнисот, етничките односи. Но, сето ова не можеме да го направиме сами. Ако ги следиме релативно успешните модели за справување со СММИ во повеќе ЕУ земји, рецептот за успех неизоставно лежи во сеопфатен пристап, односно со координиран пристап од сите чинители: носители на одлуки, граѓански организации, медиуми и секако самите граѓани“, рече Теменугова.
Средбата беше организирана во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, кој е финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје.