Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно ќе учествуваат во организацијата на настанот.
Градоначалниците и општинските тимови во претпладневните часови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје.
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје од 11:30 до 12 часот, каде што на сите деца кои немаат ѕвездичка бесплатно ќе им биде подарена Божиќна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божиќна порака – симболичен спомен од Бадникови поворки 2026.
За дечињата од Општина Кисела Вода собирот е закажан во 11:15 часот кај локацијата „Рампа“ во Кисела Вода, каде најмладите ќе бидат пречекани со божиќни ѕвездички. По собирот, учесниците заедно ќе продолжат кон Музејот на Град Скопје, каде во 12 часот ќе се приклучат на поворката исполнета со детска песна.
Точно во 12 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божиќната пештера.
По пристигнувањето на поворката на плоштадот „Македонија“, ќе следува „Божиќната авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, со повеќе од 40 музичари, пејачи, актери и учесници од „Златно славејче“. Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.
Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.
Здружението Бадникови поворки ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026, без потреба од претходно пријавување.
Веќе 16 години, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во земјава и пошироко.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.






