понеделник, 8 декември 2025

Во ЛДП задоволни дека е прифатен нивниот предлог за посебни регистарски таблички за службените возила

По иницијативата за намалување на банкарските трошоци, уште еден предлог на Либерално-демократската партија (ЛДП) добива реализација, службените возила добиваат посебни регистарски таблички, се наведува во соопштението од ЛДП.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, потврди дека сите институции ќе мора да ги заменат табличките до крајот на годината. Првичниот рок од 15 септември е продолжен до 29 септември, а како конечен датум се споменува 31 декември, кога Министерството за внатрешни работи треба да го финализира регистарот на возилата.

Новите црвени таблички со жолти ознаки ќе важат за сите возила во државна сопственост, а жолтите со црвени ознаки за специјални намени. Иако правилникот не предвидува казни за институциите што ќе доцнат, новите ознаки ќе станат задолжителни при првата регистрација. Според проценките, државата располага со околу 7.500 службени возила, но точната бројка ќе биде позната по изработката на регистарот.

„За ЛДП, оваа мерка е јасна порака дека јавните ресурси не се лична привилегија на малкумина. Ова е петти наш предлог прифатен од државните претставници во изминатата година, по иницијативите за референдум за отповикување градоначалници, толкувањето на заклучоците од ЕУ и одложеното дејство на уставните измени, намалувањето на банкарските провизии и зголемените инвестиции во домашната одбранбена индустрија.

Апелираме институциите навремено да ја завршат постапката и да ги заменат регистарските таблички во законскиот рок. Само така, со транспарентно работење и институционална дисциплина можеме да ги спречиме злоупотребите во иднина и повторно да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите“, порачуваат од ЛДП.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ