Од Кривичниот суд велат дека особено загрижува фактот што меѓу одложените расправи се и предмети од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10 – тина обвинети од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на Затвор Скопје и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува.
„Мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата која е наменета токму за обезбедување на присуство на обвинетите лица во судските постапки, но ниту според домашното законодавство, а ниту ни според Европската конвенција за човекови права не смее да се претвори во казна. Но, во овој случај, за жал се оддолговлекуваат постапките не по вина на ниту еден од учесниците на истата. Заради тоа денеска судот се обрати до управата на затворот со барање за итно преземање на неопходни мерки со кои овие случаи нема да се повторат“, велат од Кривичниот суд.
Во писмото меѓу другото се наведува дека Кривичниот суд е особено загрижен поради настанатата сосотојба, односно заради неспроведувањето во суд на дел од обвинетите спрема кои е определена мерка притвор.
„Имено, судењата закажани за вчерашниот и денешниот ден се откажани токму од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на судења, а мерката притвор е определена заради обезбедување на нивно присуство (во текот на денешниот ден се одложи рочиште каде што присуствуваа 12 обвинети и нивните бранители, како и јавен обвинител). Мерката притвор е најтешката мерка со којашто се ограничуваат слободите и правата на обвинетите за кои согласно принципот на презумпција на невиност се невини додека не се докаже спротивното, и судот за овој вид предмети постапува итно. И покрај сите напори и трошоци кои што ги прави судот за жал судењата сепак се одлагаат од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на закажаните рочишта. Верувам дека за истото имате разумно оправдување, но потенцирам дека Вашата институција е сервис на судот и Вие постоите од единствена причина да го обезбедите присуството на обвинетите кои што треба да бидат изведени пред суд. За жал во последно време се бележи дека рочиштата каде што обвинетите се јавуваат на покана на суд се одвиваат без одлагање, а рочиштата каде што обвинетите се во притвор се одлагаат. Очекувам без оглед на причините ваквата состојба да не се повтори“, се наведува во писмото упатено до управата за затворот скопје во Шутка.






