Поддршка на маршот даде и движењето „Кој е следен?” кое организира бесплатен автобуски превоз од Скопје до Кочани.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека јавните обвинители кои постапуваат во истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека Пулс почнуваат да сослушуваат претставници на семејствата – законски застапници на починатите. Преку исказите дадени пред јавен обвинител, тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.
Во четвртокот, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека за десетина дена треба да заврши истрагата и дека се испрашани над 300 лица. По завршување на истражните дејства, одбраната ќе има можност за увид во доказите, а обвинителниот акт се чека да биде готов во средината на јуни. Коцевски повтори дека се работи на собирање и на нови докази и посочи дека ако јавните обвинители откријат нови моменти, истрагата ќе биде проширена.
Во истрагата за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, кој се случи на 16 март годинава, досега осомничени се 68 физички и три правни лица. Во пожарот загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени. Меѓу загинатите беа и членови на бендот „ДНК“ кои таа вечер имаа концерт во дискотеката.