Со Меморандумот се уредува начинот на меѓусебна соработка помеѓу институциите, со акцент на поефикасно спроведување на законските надлежности согласно Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, како и реализација на заеднички проекти од јавен интерес.
Во рамки на оваа соработка, за првпат е предвидена изградба на полициска станица во Општина Илинден, како и изградба на нов објект на полициска станица во Општина Кисела Вода, што ќе придонесе за зголемено полициско присуство, побрза реакција и повисоко ниво на безбедност за граѓаните.

Соработката ќе се реализира преку заеднички проектни активности за изградба на нови објекти предвидени во урбанистичките планови, како и преку други иницијативи од взаемен интерес, соопшти МВР.
„Овој Меморандум претставува значаен чекор кон јакнење на институционалната соработка и создавање побезбедна средина за граѓаните. Со изградбата на нови полициски станици директно вложуваме во зголемување на безбедноста, но и во унапредување на квалитетот и достапноста на услугите што Министерството ги обезбедува. Нашата цел е да бидеме поблиску до граѓаните и да одговориме навремено и ефикасно на нивните потреби“, истакна министерот Тошковски.






