Инспекциските служби на општината, во текот на следните неколку дена ќе почнат со мапирање на отпадните возила и постапка со која ќе се утврдува сопственоста, како и тоа дали истите се регистирани и имаат платено обврски кон државата.
Согласно Законот за управување со дополнителните текови на отпад и член 63 од Законот за безбедност во сообраќајот, возилата кои ќе бидат евидентирани како отпадни и без регистарски таблички ќе бидат отстранети, доколку тоа не го стори сопственикот согласно дадениот рок од неколку денови.

„Ова особено важи за оние во Расадник кои паркинзите ги користат за препродавање на возила, како авто-плацеви. Предвидени се и глоби за несовесните сопственици на хаварисани возила. По завршувањето на постапката, возилата ќе бидат отстранети и однесени во отпадно депо, каде што граѓаните ќе имаат право да го повратат. Во спротивно, ќе бидат третирани како отпаден метал! Апелираме до жителите сами да си ги отстранат возилата согласно дадените рокови за да не подлежат на трошоци, затоа што наша цел не е казнување, туку воведување ред во оваа сфера. Крајно време е да ги ослободиме паркинзите во Кисела Вода“, напиша на својот фејсбук-профил градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.