понеделник, 14 јули 2025

Во еколошка акција, исчистено Дебарското Езеро

Во првата еколошка акција годинава беше исчистен брегот на Дебарско Езеро кај градската плажа и други делови, пред сè каде што има угостителски објекти, од насобраниот пластичен и друг отпад.

Објавено на

часот

Сподели

Акцијата е реализирана по иницијатива на екологисти и Спортското риболовно друштво „Трофта“, концесионер на езерото, а беше поддржана од  граѓанските организации, Општинското комунално претпријатие “Стандард”, локални компании, училиштата и локалната самоуправа.

Организаторите им ги обезбедија сите потребни материјали на учесниците: ракавици, црни пластични кеси, маички со натпис „За чисто езеро“ и освежителни  пијалаци.

„Вакви акции спроведуваме пред почеток на летната сезона, кога на овој дел има со стотици капачи, како локални жители, од други градови, и нашинците од странство, кои одморот го минуваат во родниот крај. Ова е еден од најубавите делови во градот и жално е што се собира отпад. Апелираме до сите  да бидат совесни и да го зачуваме ова наше богатство“, изјавија од друштвото “Трофта”.

Додаваат дека во водите на Радика завршува пластичен и друг отпад од селата по нејзиниот тек кои потоа се влеваат во езерото, но ист отпад се насобира и од несовесното однесување на дебрани, како и на жителите од подрачјето на Жупа.

Благодарение на ваквите интервенции, езерото се чисти и станува погодно за рекреација во текот на летните месеци.

Засилените контроли на рибочуварската служба на друштвото и еколошките акции се од суштинско значење за заштита на биодиверзитетот на Дебарското Езеро, кое не е само важен природен ресурс за рекреација на жителите, туку и голем потенцијал за развој на туризмот во регионот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ