Во Општина Ресен, како последица на обилните врнежи, дошло до излевање на реките Болнска и Источка во селата Царев Двор и Дрмени, поради што поплавени се над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделски површини.
„Ангажирани се екипи на јавни претпријатија и приватни фирми со четири багери, седум пумпи и повеќе приватни пумпи за црпење на вода. На регионалните патишта има наноси од земја кои се расчистуваат по приоритет. Нивото на Голема Река е 2,1 метар со почетни излевања во Долна и Горна Бела Црква. ЈКП Пролетер известува за нарушен квалитет на водата – привремено не се препорачува за пиење. ТППЕ Ресен интервенира во село Дрмени со две возила и пет пожарникари“, објави ЦУК на својата веб страница.
И Општина Битола пријавува повеќе интервенции: „ЈП Битола работи во потпелистерските села Нижеполе, Дихово, Цапари, Породин, Жабени, Лажец, Меџитлија, Острец, Граешница и Кишава. ЈП Нискоградба и АД Водостопанство подигаат насипи на реката Драгор кај Долно Оризари. На мостот во Карамани се расчистуваат гранки и отпад со цел зголемување на протокот. ХМС Стрежево ги чисти пропустите на Цапарска река (Доленци–Лера). Ангажирана е целата механизација, екипите остануваат на терен и во текот на ноќта. Поради вода на коловоз, затворени се патиштата Лера–Доленци и кон Цапари. Нивото на реката Црна е зголемено на 2,7 м (во 15:30 ч). ЈКП Водовод – Битола работи на дефект што предизвика прекин на водоснабдување од Кравари до Меџитлија. Преку Е-112 пријавени се повеќе поплави на подруми, дворови, паднато дрво и ризик од излевање на канали“, ја пренесува ЦУК состојбата во Битола.
Во Општина Демир Хисар од излевање на река Црна кај село Жван се поплавени земјоделски површини, а надлежните екипи расчистуваат одрони на локалните патишта Базерник и Вирово, кои се проодни.
Во Општина Прилеп, пак, преку Е-112 е пријавено дека паднал таван на куќа на улицата „Кајмакчалан“, како последица од дождовите.
Регионалниот центар за управување со кризи – Охрид, пак, извршил повеќе интервенции на поплавени домови. По престанокот на дождот состојбата е стабилизирана, но реките и понатаму се на високо ниво.
Според РЦУК – Куманово, во Крива Паланка и Кратово екипите расчистуваат повеќе одрони на регионалните патишта. Водостојот на Кратовска и Крива Река е зголемен, без пријавени излевања.РЦУК – Струмица пријавил три одрони на патот Струмица–Валандово кои се веднаш проследени до надлежните служби.
Во Скопје нивото на реките е покачено, но според РЦУК Скопје состојбата е под контрола и без излевања.
По излевањето на реките во Битолскиот, Охридскиот, Ресенскиот регион, од УХМР најавуваат смирување на излевањата во овие региони, но се зголемува опасноста од излевање на реката Вардар, во горниот дел од течението, но и покрај сливот на реките Радика и Сатеска.
Предупредуваат дека е висок водостојот и на реката Треска, со опасност од излевање кај селото Пласница. Во опасност од излевање е и Црна река.
Дополнително од УХМР очекуваат обилни врнежи и денеска, поради што предупредуваат дека е можно заезерување и изливи на помали реки во Полошкиот регион, но и во Пелагонија, Струмичката котлина и во Гевгелиско- Валандовската котлина.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати упати апел до населението во регионите каде има поплавување да води сметка за безбедноста на храната, водата за пиење и за здравствената состојба и благосостојбата на животните.






