Во нападот беа уништени неколку објекти на заедничката компанија на „Елбит системи“ со чешка компанија кои снабдуваат копнено и воздушно оружје за израелската армија, соопшти чешката полиција.
Група наречена „Фракција Земјотрес“ на Телеграм објави дека нападнала објект за кој тврди дека е „централен објект за европските операции на најголемиот производител на оружје во Израел“ и дека сега е „во пламен“. „Ние сме во утробата на ѕверот, опкружени со смрдеата на злото“, истакна групата и додаде дека нема да чека на дејствување на соучесничките меѓународни влади и ќе ги преземе „потребни мерки за да ги лиши од средствата за убивање“.
Чешката полиција соопшти дека истрагата е во тек.
„Елбит системи“ е израелска компанија со меѓународна мрежа чија дејност е воена технологија и изведување на одбранбени и безбедносни системи, производство на опрема за копнена база и беспилотни летала за израелската војска.
Подружница на „Елбит системи“ има и во Македонија. Таа работи за потребите на македонските министерства за одбрана и за внатрешни работи. Оваа компанија го основа Центарот за обука на пилоти за потребите на МО и на МВР. Од 2020 година Центарот беше предаден на Министерството за одбрана, под стручна обука на израелски експерти.
Лани министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше во посета на дирекцијата на „Елбит системи“ во Хаифа, за која објави дека средбата е „во рамки на унапредувањето на техничките системи и безбедносните капацитети на МВР, особено во рамки на проектот Безбеден град“.






