петок, 13 јуни 2025

Во Брисел се предложени новите правила за влез во ЕУ

Советот на Европската Унија и Европскиот парламент вчера усвоија привремен договор за постепено воведување на Системот за влез и излез (EES), нов дигитален систем за управување со границите. Овој договор допрва треба и официјално да се усвои, а примената на новите правила за влез во земјите членки на ЕУ би почнале кон крајот на 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

„Благодарение на овој договор, земјите-членки ќе можат да го применат новиот систем за управување со границите за регистрација на влез и излез во Шенген-зоната на државјани од земји надвор од ЕУ. Ова е добра вест и ќе ги поддржи нашите напори за безбедни граници“, изјави полскиот министер за внатрешни работи Томаш Сјемонјак.

EES е ИТ систем кој ќе ги дигитализира записите за влез и излез, податоците од пасошите, отпечатоците од прсти и фотографиите на лицата од земји кои не се членки на ЕУ, а патуваат на краток престој во некоја од 29 европски земји. Овој систем, кој ќе го замени досегашниот систем со рачно печатење на пасошите, ќе се однесува и на граѓаните на Македонија при преминување на границите на ЕУ.

Земјите-членки постепено ќе го применуваат системот EES, и ќе треба по првиот месец од примена да регистрираат најмалку 10% од граничните премини.

Во првите 60 дена, земјите-членки ќе можат да го користат EES и без биометриски функционалности, а по три месеци ќе треба да го користат со биометриски функции на најмалку половина од своите гранични премини.

До крајот на овој транзициски период, земјите-членки ќе продолжат и со рачно печатење на патните исправи. Уредбата за воведување на системот EES не утврдува конкретен датум за почеток на имплементацијата, бидејќи тоа бара посебна одлука од Европската комисија.

Постепената примена на EES ќе почне во октомври 2025, додека Европскиот систем за патни информации и одобрување (ETIAS) ќе започне со работа во последниот квартал од 2026 година. Овој систем подразбира патниците да добијат патна дозвола за ЕУ, која ќе чини седум евра.

Системот EES ќе го применуваат Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија,
додека на Кипар и во Ирска пасошите и натаму ќе се печатат рачно.

Одобрението за патување преку системот ETIAS ќе го бараат сите земји кои ќе го применуваат EES, како и Кипар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ