четврток, 12 март 2026

Во Битола се одржа јавна расправа за влијанието на изградбата на автопат Битола-Прилеп врз животната средина

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска во Битола одржа јавна расправа по Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот „Изградба на коридор 10 Д, делница на автопат Битола-Прилеп“ чиј инвеститор е Јавното претпријатие за државни патишта.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

На јавната расправа во Битола, Владимир Цветановски, советник во Управата за животна средина информира за текот на постапката за изведување на проектот за што беше изработена Студија за оцена на влијание врз животната средина.

„Довербата за изработка на Студијата беше доделена на Градежен институт „Македонија“, односно на експертски тим предводен од Елена Николовска. Целата документација е објавена на нашата веб страница и јавно достапна. Во моментов постапката е во тек, а по завршување на јавната расправа, наша законска обврска е да изработиме извештај за соодветност, односно решение со кое се дава согласност или се одбива барањето за спроведување на проектот“, појасни Цветановски пред аудиториумот во Битола.

За проектот „Изградба на Коридор 10Д, делница на автопат Битола-Прилеп“ говореа претставници од ЈП за државни патишта, експерти и претставници на академската заедница информирајќи за различни аспекти од реализацијата на проектот и неговото влијание врз животната средина.

Според Рената Ќуштеревска, професор на Институтот за билогија од Природно математички факултет во Скопје, одговорна на компонентата за биолошка разновидност на подрачјето од автопатот Битола-Прилеп има мали подрачја што се природно сочувани, но сепак изобилуваат со богати видови.

„Во водните екосистеми регистрирано е присуство на поточниот рак, вид чувствителен на загадување. Во проектното подрачје регистрирани се 418 копнени безрбетници, а од нив три национално заштитени. Испитувани беа водоземци влекачи и регистрирани се девет видови на водоземци и осум видови на влекачи, а најзначајни за овој вид организими се крајбрежните зони на Црна Река и реката Шемница. На подрачјето беа истражувани и рибите меѓу кои пелагониска пастрмка и балканска мрена, како и птиците и притоа регистрирани се голем број на птици, а најчувствителни се гнездечките и миграторните видови“, посочи професорката Ќуштеровска и потсети дека во рамки на Студијата има предлог мерки со што ќе се намали влијанието врз билошката разновидност.

Генерално од изградбата на делницата Битола-Прилеп не се очекува да има значителни негативни влијанија врз квалитетот животната средина, предочи Елена Николовска од Градежен институт „Македонија“.

„Во рамки на Студијата утврдени се мерки за заштита на животната средина како и механизмите за институционална одговорност, но и механизми за следење на нивна ефикасност. Сите предложени мерки за ублажување се во согланост и се усогласени со најдобри достапни практики, со што се намалуваат потенцијалните влијанија во фаза на изградба и за време на оперативна фаза на делницата Битола-Прилеп. Тоа значи дека изведувачот има обврска да направи се за да го намали, неутрализира и минимизира влијанието на активностите кои влијаат врз луѓето и животната средина. Генерално од изградбата на делницата Битола-Прилеп не се очекува да има значителни негативни влијанија врз квалитетот животната средина“, рече Николовска од Градежен институт „Македонија“.

На јавната расправа во Битола учествуваа жители од населените места каде е проектиран коридорот 10Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ