Куќата некогашна сопственост на Михаил Ракиџиев, во тоа време член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ, има три простории кои целосно се обновени и реконструирани.
„Куќата, Музеј посветен на Гоце Делчев од денеска повторно е отворена за јавноста. Во куќата секој посетител која може да погледне оригинални документи и артефакти. Внатрешноста на куќата е целосно реновирана со нов лик на музејската поставка. Станува збор за три простории во кои се изложени документи, текстови и изјави од периодот пред востанието, а во една просторија има восочна фигура на Гоце Делчев кој е покрај работната маса. Во куќата од оваа вечер ќе биде изложена и уметничка слика со портрет на Гоце Делчев, изработена од битолскиот ликовен уметник Борислав Траиковски, подарок од семејството Главинче. Естетски и визуелно Музејот е значително подобар и побогат, целосно нов и отворен за јавноста која почнува од утре со посета на ученици“, истакна Зоран Николовски, директор на НУ Завод и Музеј-Битола.
Спомен куќата и музеј посветен на Гоце Делчев, прв пат беше отворена на 4 мај 1988 година, а меѓу значајните експонати е и револверот на Делчев подарен на семејството Ракиџиеви, потоа Споменица на М. Ракиџиев од 1903 година, Правилник за четите на ТМРО, мапи и други материјали кои се очекува да бидат нова туристичка атракција за посетители од државата и странство во Битола.
Реконструкцијата на Спомен куќата, музеј посветен на Гоце Делчев ја изврши тим на НУ Завод и Музеј-Битола предводен од кустос, м-р Филип Талевски, за што јавна благодарност за ангажманот истакна градоначалникот Тони Коњановски. Вечерашниот промотивен настан беше заокружен со уметничка програма во изведба на членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола.