сабота, 6 декември 2025

Во Албанија презентирани традиционални македонски носии

Во просторите на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Фан Ноли” во Корча, Албанија денеска се одржа завршниот настан на проектот „Создавање традиционални носии на македонското, влашкото и ромското национално малцинство во регионот на Корча”.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот го организираше Македонското друштво „Сонце“ во соработка со Педагошкиот факултет, а со поддршка на Комитетот за национални малцинства на Република Албанија.

„На овој важен настан присуствуваше првиот секретар во македонската амбасада во Тирана, Радмила Стојмировска. Во рамки на настанот беа презентирани традиционалните носии на трите малцинства кои беа изработени со голема љубов и посветеност од страна на познатата костимографка Лирика Појани од Корча. Со оваа иницијатива се истакнува важноста на зачувување на културното наследство и идентитетот на трите заедници“, објави Амбасадата.

Се додава, дека дополнително била промовирана информативната брошура посветена на историјата и значењето на овие носии, подготвена од Васил Стерјовски, која ќе „послужи како важен ресурс за размена на културни информации и зајакнување на меѓусебното разбирање помеѓу заедниците”.

На настанот учествувале бројни претставници на локалната и регионалната власт од Мала Преспа и Корча, како и бројни претставници на академската заедница и националните малцинства од корчанскиот крај.

„Се радуваме на организацијата на ваквите настани, кои ја истакнуваат културната разноликост на Албанија и автентичната улога на македонското национално малцинство во културниот мозаик на албанското општество“, посочуваат од македонската Амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ