сабота, 31 мај 2025

Во Аеродром, Карпош и Центар низок опфат со МРП вакцина

Има голем интерес за деветвалентната ХПВ вакцина и кај момчињата, новина што беше воведена во 2024 година. Од друга страна, незадоволителен е опфатот со МРП вакцината. Опфатот со оваа вакцина во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар бил под 60 – 70 отсто, што доведува во висок ризик од појава на епидемија со морбили.

Објавено на

часот

Сподели

Овие информации ги сподели денеска национаналниот координатор за имунизација на Македонија, Александра Грозданова, на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Скопје.

„Ниеден родител не треба да се соочи со болест како што се пертусис и морбили, болести што на оваа територија кај нас ги имавме последните неколку години, токму поради намалување на опфатот за овие две вакцини“, подвлече Грозданова во изјава за медиумите.

Таа рече дека има голем интерес за деветвалентната ХПВ вакцина и кај момчињата, новина што воведена во 2024 година.

„Од друга страна, сѐ уште се бориме со зголемување на опфатот со МРП вакцината. На овие простори имавме и епидемија од морбили. Еден јавен апел до родителите – ова е безбедна, квалитетна вакцина што секаде и во западноевропските земји и секаде во светот се користи и навистина е безбедна и заштитува“, истакна Грозданова.

Таа апелираше родители да се советуваат со здравствени работници, педијатри, фамилијарни доктори, во однос на заштитата што оваа вакцина ја обезбедува.

„Имаме неколку скопски општини, најурбаните – Центар, Карпош и Аеродром, каде опфатот со оваа вакцина навистина ни е многу низок, под 60 – 70 отсто, тоа што е важно да се знае и тоа нѐ доведува во висок ризик од појава на повторно епидемија со морбили. Имаме општини во внатрешноста, па и некои скопски, каде што имаме и над 90 проценти со истата вакцина. Што значи дека родителите генерално имаат доверба во вакцинацијата, во системот, но, најверојатно, влијанието на социјалните мрежи, на неточните информации, дезинформациите, доведуваат до тоа голем дел од родителите да бидат во заблуда“, одговори таа на новинарско прашање.

Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер рече дека вакцините се еден од најголемите успеси на човештвото.

„Тие се најбезбеден и најефикасен инструмент што го имаме за да ги заштитиме нашите деца од болести што можат да го загрозат животот. Благодарение на децении напорна работа, милиони деца денес се поздрави, учат подобро во училиште и стануваат успешни членови на своите заедници. За да ги заштитиме сите наши деца, вклучително и новороденчињата и оние кои не можат да бидат вакцинирани, мора да одржуваме стапки на имунизација над 90-95 проценти. Колективниот имунитет не е само слоган, тоа е штит што го градиме заедно“, рече Милер.

Таа истакна дека вакцината МРП (морбили, заушки и рубеола) е една од најважните за децата, бидејќи морбилите се еден од најзаразните вируси во светот – предизвикуваат тешки болести, компликации, па дури и смрт.

„Во Северна Македонија сѐ уште сме далеку од колективен имунитет, со национална покриеност со МРП вакцина од само 72,7 отсто во 2024 година што претставува пад во споредба со 73,4 проценти во 2023 година“, рече Милер.

Таа додаде дека родителите се клучните носители на одлуки за вакцинирање на своите деца.

УНИЦЕФ и Министерството за здравство работат во партнерство за да обезбедат сигурни и проверени информации што ќе им помогнат на родителите да ги разберат придобивките од вакцинацијата, рече Милер.

Уште една причина за загриженост, како што нагласи Милер, е ниската покриеност со ХПВ (хуман папилома вирус) вакцинација. Само половина од 14-годишните девојчиња во Македонија биле целосно вакцинирани.

„Всушност и девојчињата и момчињата треба да се вакцинираат, бидејќи постојат силни научни докази дека ХПВ вакцината може да спречи до 90 отсто од случаите на рак на грлото на матката. 50 проценти покриеност едноставно не е доволно. Оваа вакцина е безбедна. Таа е ефективна. И може да спаси уште повеќе животи не само со заштита на вакцинираните, туку и со создавање колективен имунитет што ги штити и другите“, истакна Милер.

Претставникот на Светската здравствена организација и шеф на Канцеларијата во Северна Македонија, Аким Али рече дека СЗО во соработка со УНИЦЕФ го поддржува Министерството за здравство за да обезбеди вакцини за сите возрасни и за сите деца со цел да се спасат животи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ