петок, 11 јули 2025
ПИСМО ОД ЧИТАТЕЛ

Внимавајте, метални сопки на тротоарите!

Заради безбедност и регулирање на сообраќајот во секој град се поставени сообраќајни знаци. Се поставуваат на тротоар многу близу до коловозот. Во Скопје речиси не постои улица и тротоар што не биле прекопани најмалку еднаш заради реконструкција и/или поставување нови комунални инсталации (цевки, канали, кабли и др.). При тие реконструкции на тротоарите се отстрануваат сообраќајните знаци или се преместуваат.

Објавено на

часот

Сподели

Бидејќи сообраќајните знаци се најчесто прицврстени на вертикални метални цевки, вкопани преку асфалт или бетон длабоко во подлогата, при отстранување на старите сообраќајни знаци на изведувачите им е полесно да ги пресечат цевките отколку да ги откопуваат од асфалт и бетон. Притоа, дел од цевките (неколку милиметри) остануваат над нивото на површината на тротоарот (погледајте ги сликите подолу).

Овие метални остатоци од сообраќајни знаци (метални сопки) се наоѓаат на тротоарот на ул. “Манапо“ која се наоѓа покрај Сити мол. Во должина од приближно 100 метри има осум вакви сопки. Но слични метални остатоци од пресечени сообраќајни знаци има и во многу други улици во градот Скопје.

 

При одење луѓето гледаат напред, не се постојано наведнати надолу, така што овие метални сопки понекогаш не ги забележуваат. Особено е опасно ноќе, ако има слабо улично осветлување.

Сопнувања на вакви метални остатоци од сообраќајни знаци може да бидат опасни за минувачите бидејќи може да дојде до пад и предизвикување на повреди. Ова е особено опасно за повозрасни луѓе. Но има и друг вид на последица којашто чини пари. И кај старите, и кај младите луѓе при сопнување се оштетуваат чевли или патики, а тие денес не се евтини.

На неколку од приложените слики се гледа дека рабовите на остатоците од металните се измазнети од безброј газења и сопнувања, а во некои случаи веројатно имало и последици.

Треба да се преземат мерки за отстранување на овие метални остатоци од сообраќајни знаци со стружење или на друг начин, така што да бидат на исто ниво со површината на тротоарот. Тоа не се големи зафати, но треба да ги направат општините (или градот) надлежни за соодветните улици. Во иднина, при реконструкции на улиците, надзорните органи треба да си ја вршат својата работа како што треба.

Кога зборуваме за гордост кај луѓето велиме „главата горе“, ама во градот Скопје тоа е опасно, се препорачува “главата доле“.

 

Жител на градот Скопје

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ