„Во однос на објавените фотографии, МВР ве известува дека се преземаат соодветни мерки и активности, по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, наведуваат од Министерството.
Фотографиите, кои се проширија на социјалните мрежи, предизвикаа бурни реакции. На нив се гледа свештеник кој врши верски обред и осветување на службени возила, додека присутни се и полициски службеници.
Дел од граѓаните го оправдуваат чинот, истакнувајќи дека во православната традиција постои молитва за осветување на возила, додека други реагираат дека ваквата практика е спротивна на принципот на секуларност и дека државните институции мора да останат верски неутрални.
Дебатата го отвори прашањето за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на јавните институции, како и потребата од јасни правила и одговорност во јавниот простор.
Од МВР најавуваат дека по завршување на истрагата, јавноста ќе биде дополнително информирана.






