„Тоа е така затоа што човекот со контроверзно минато бил бизнис партнер на нивниот претседател во сенка, Зоран Заев, кој сè уште ги влече конците во СДС и управува со Венко Филипче.
Македонската јавност за постоењето на Давидовиќ – Дака дозна во времето на власта на Зоран Заев во 2020 година, кога на социјалните мрежи излегоа аудиоснимки за тоа како токму Заев зел пари за да се види со него и да направат некаков бизнис.
На снимките се слуша Дака како вели дека на Заев му дал 300 илјади евра и 2.000 квадрати земјиште, за возврат да добие контра услуга. Понатаму во снимката, Дака вели дека Заев овие пари ги искористил за инженеринг на референдумот за името.
Во истата аудиоснимка, на која Дака разговара со главниот посредник во случајот, Зоран Милески Кичеец, освен името на Заев се слуша и името на Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на владата на СДС предводена од Зоран Заев.
Ова значи дека тогашната власт на СДС многу добро била поврзана со контроверзниот проруски бизнисмен Дака, па дури и го рекетирале за да можат да спроведат инженеринг на референдумот за името.
Како добри познавачи на контроверзниот проруски бизнисмен Дака, на неговите бизниси и фирми, можеби затоа што постои веројатност нивниот шеф Заев со нив да соработувал и заработувал, им благодариме на СДС што укажаа дека фирмата Хронос Сум била во негова сопственост. Бидејќи ништо не е „како до сега“ како во време на власта на СДС и Заев, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни механизми и ќе ги искористи сите законски можности оваа фирма, во сопственост на Дака, да не гради и инвестира во енергетски објекти и покрај тоа што ги исполнила условите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера СДСМ соопшти дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ влегува во сомнителни бизнис релации со контроверзни бизнисмени. Според СДСМ, фирма на Миодраг Давидовиќ-Дака, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД, добила место во државните енергетски планови.
Од опозициската партија велат дека министерката за енергетика, Сања Божиновска, ја вклучила компанијата на Давидовиќ во плановите за наредната година, што според нив е „огромен скандал“.
„Компанијата на Миодраг Давидовиќ-Дака, ‘Хронос сум’, од јануари годинава Божиновска ја ставила во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. За ВМРО-ОКГ сѐ е бизнис и ниту црната листа на САД не е пречка,“ изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ која побара Владата веднаш да ја повлече одлуката и да го стопира овој, како што го нарекуваат, „сомнителен проект“, а Јавното обвинителство итно да отвори предмет и да ја истражи целата шема, вклучително и потеклото на капиталот на компанијата.






