вторник, 1 април 2025

ВМРО-ДПМНЕ: Во СДСМ елитистичка ем користат, ем шверцуваат дрога

Надлежните да го повикаат Јон Фрчкоски на распит, бара ВМРО-ДПМНЕ. Користењето на наркотични средства не може да помине со оставка. Тоа повлекува низа консеквенции согласно закон. Јавноста заслужува одговори на прашањата зошто СДСМ не се оградува од Јон Фрчкоски? Каде користел наркотични супстанци? На кое работно место?, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

 

Објавено на

часот

Сподели

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно го повикува претседателот на СДСМ да не молчи по скандалот со Јон Фрчкоски и употребата на кокаин на работно место.

„Филипче е опкружен со луѓе поврзани со скандали со дрога, СДСМ да не молчи и да каже дали го одобрува користењето на кокаин? СДСМ елитистичка да не молчи и да ги става работите под тепих. Пред очите на јавноста излезе целата хипокризија на борците за правда и еднаквост од СДСМ. СДСМ е партија која е опкружена со луѓе и функционери кои се поврзани со скандали со дрога. СДСМ и на власт и во опозиција има скандали поврзани со употреба на наркотични средства. СДСМ и Филипче молчат и не се оградуваат за случајот каде Јон Фрчковски директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ консумира психотропна наркотична супстанца“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Јавноста, потсетува партијата, беше сведок и за случајот со еден од водачите на Шарената револуција и поранешен пратеник на СДСМ, Павле Богоевски кој, исто така, потврди автентичност на снимка според која тој нарачува психотропна наркотична супстанца.

„СДСМ има историја на скандали поврзани со шверц и користење на дрога од високи функционери. Оливер Спасовски како ексминистер на МВР молчеше и за скандалот на кланот Заеви поврзан со шверц на дрога. Во акцијата која беше спроведена од ДЕА, во комбето со грчки регистарски таблички беше пронајдена дрога во вредност од над 800 илјади евра, а се поврзуваше со фирма која е партнер на фирмата на Заеви. Уапсени беа командирот на полициска станица Прилеп кој беше директно поставен од Оливер Спасовски и шоферот на братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев“, потсети ВМРО-ДПМНЕ.

Советникот Шпат Касапи од кабинетот на вицепремиерот и бегалец Артан Груби, исто така беше фатен со пакетчиња кокаин, се додава во соопштението.

„Користењето на наркотични средства не може да помине со оставка. Тоа повлекува низа консеквенции согласно закон. Јавноста заслужува одговори на прашањата зошто СДСМ не се оградува од Јон Фрчковски? Каде користел наркотични супстанци? На кое работно место?“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата бара „надлежните органи да профункционираат и да го повикаат Јон Фрчкоски на распит“.

„Дали само децата и внуците на црвената буржоазија и транзициските функционери се привилегиран слој во општеството, па Јон Фрчкоски има дискреционо право? Дали за Јон Фрчкоски не важи законот според кој доколку на работно место лице внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства веднаш добива отказ од работодавачот? СДСМ да ѝ се извини на јавноста, а државните институции да профункционираат и надлежните органи да реагираат“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ