“Јавно и недвосмислено потврдуваме – такво нешто не постои. Во документот нема ниту една одредба, најава или формулација што се однесува на отворање или организирање на каков било камп за мигранти на македонска територија. Текстот е јавно достапен и секој може да го прочита.
Дополнително, ниту еден сериозен медиум – домашен или меѓународен – кој известуваше од самитот на Европската политичка заедница во Тирана, не ја спомена оваа фабрикувана теза. Причината е едноставна – затоа што тоа не е вистина.
Не знаеме дали станува збор за свесен обид за нанесување штета, дали е нарачано од политичка партија, поединец или некоја друга структура, или, пак, произлегува од неинформираност и незнаење – но голем дел од медиумите денес излегоа со класична шпекулација, која, како по команда, почна да се шири со единствена цел: да се загрози ефектот од оваа одлична вест за нашата држава и нашите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ децидно потврдува: какви било договори за мигранти или камп за мигранти не постојат и не се дел од овој документ со Обединетото Кралство.
Оваа ‘вест’ е лажна вест. И најголем дел од медиумите што ја презедоа тоа го направија спротивно на сите елементарни новинарски стандарди – хорски, со исти наслови и исти текстови, со што самите си ја открија не само несериозноста, туку и својата агенда.
Апелираме до јавноста да не подлегнува на такви деструктивни обиди, туку да биде спокојна и да се радува на добрата вест од овој договор со Велика Британија – договор кој е влог во безбедноста, стабилноста, економијата, и европската перспектива на нашата татковина.
А за оние кои имаат аргументирани критики – од идеолошка или друга природа – или се приврзаници на алтернативни сојузи кон Истокот – би било корисно прво да подготват аргументи, бидејќи лагите како оваа со мигрантите – брзо и болно ќе им изгорат.
Македонија оди напред. Партнерствата што ги градиме се капитал што ќе го браниме – со разум, со факти и со гордост“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.