„ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите кои што се предложени од ИК на партијата убедливо водат на сите анкети во општините за кои се предлагаат. Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните, во изминатите четири години, а тоа го потврдуваат и анкетите. Сите кандидати предложени од ВМРО-ДПМНЕ водат четири, а во некои општини и со пет наспрема еден. Сите кандидати ги исполнуваат сите квалитети за градоначалник, се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе. Најголемиот дел од нив се веќе постоечки градоначалници, кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаат сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои до сега се водени од кадри на СДСМ“, изјави генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој уште информираше дека во партијата се одвиваат и избори за советници, преку месните и општинските комитети и дека истовремено, и граѓаните кои не се партиски определени слободно можат да се вклучат да даваат свои предлози за советници.
„Потребно е заедништво за да градиме државни цели. Ги повикуваме сите да се надминат себе си и да ја стават Македонија пред се. Со кандидатите кои што се предложени од ВМРО-ДПМНЕ веруваме дека тоа може да се случи. ИК предочи дека пред Македонија е во изборен период, во кој ќе се одлучува за тоа Македонија дали целосно ќе се стави на патот за трансформација. Заклучено е дека во сите општини преовладува желбата раст, развој, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Очекуваме победа секаде. Македонија ќе победи. Доаѓа ново време“, рече Сајкоски.
За градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори ќе се борат, за Аеродром – Дејан Митески, Бутел – Дарко Костовски, Ѓорче Петров – Александар Стојкоски, Чучер Сандево – Зоран Бајовски, Штип – Иван Јорданов, Велес – Марко Колев, Свети Николе – Дејан Владев, Карбинци – Виктор Паунов, Градско – Киро Нацков, Кавадарци – Митко Јанчев, Гевгелија – Андон Сарамандов, Зелениково – Коста Маневски, Илинден – Александар Георгиевски, Конче – Златко Ристов, Делчево – Иван Гоцевски, Ново Село – Ѓорге Божинов, Василево – Славе Андонов, Босилово – Ристо Манчев, Берово – Петар Ружински, Петровец – Борче Митевски, Битола – Тони Коњановски, Охрид – Кирил Пецаков, Вевчани – Спасе Кочовски, Брвеница – Јовица Илиевски и Јегуновце – Димитар Костадиновски.
Од ВМРО-ДПМНЕ не соопштија кој ќе биде нивен кандидат за градоначалник на Град Скопје. На новинарско прашање за тоа кој ќе биде кандидат за градоначланик на град Скопје, тој кажа дека сѐ уште се во тек анализите и анкетите од ИК и од ПР агенциите кои ги имаат ангажирано за спроведување на анкетите.
„Во оптек се повеќе имиња од кои некои се веќе спомнувани, како министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначланикот на општина Кисела Вода Орце Ѓоргиевски“, рече Сајкоски.
Тој уште информираше дека следното објавување на кандидати би требало да биде до 10 јуни, а после во зависност од динамиката со другите кандидати така ќе биде објавено и името за кандидат за градот Скопје.
„Целиме да го избереме најдобриот кандидат за град Скопје за да може да помогнеме на хграѓаните максимално и преку централната и преку локалната власт за да имаат подобар квалитет на живот“, нагласи Сајкоски.
Прв се огласи градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој ѝ се заблагодари на партијата за повторната номинација за уште еден градоначалнички мандат, а изрази благодарност и до жителите на Ѓорче Петров.