„Од АА на Таравари сега слушаме апсурдна логика: ако ВМРО-ДПМНЕ ги критикува, значи се на вистинскиот пат. Не, не сте! Вие сте на патот на ДУИ. А тоа значи: пат на корупција, клиентелизам и лични договори зад грбот на народот“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму посочуваат дека е индикативно кога ДУИ аплаудира, нивните портали бранат, а поранешни политички противници фалат некого – „знаете дека сте направиле нешто многу погрешно“, стои во реакцијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Арбен Таравари не е нападнат затоа што претставува некаква закана, туку затоа што, како што велат, „е жално да се гледа како некогашен лекар со кредибилитет, сега се правда преку соопштенија на ДУИ и се радува на нивните пофалби“.
Партијата додава дека вистинската причина за нападите врз ВМРО-ДПМНЕ е токму тоа што, според нив, тие претставуваат пречка за криминалот на ДУИ и нивните нови партнери.
„Таравари, колку и да се труди, нема да може да ја избрише вистината: од човек со став, стана човек со валкани домашни задачи. Да потпишува партиски соопштенија напишани во Мала Речица“, стои понатаму во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ го споредува Таравари со претходни примери на политичари чии партии, како што велат, се сведоа на клиентелистички групи кои зависат од волјата на ДУИ. Тие додаваат и дека анкетите говорат доволно – од 2,7 проценти пад на поддршката на 1 процент, или под тоа.
„На добар пат е Таравари да ја доживее целосната НДП-изација и ДПА-изација на својата структура. Да се сведе на 3–4 илјади клиентелисти што ќе чекаат Ахмети да им додели некоја функција или тендерче“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека во иднина, при креирање на коалиции, ќе внимаваат да нема политички актери со „интегритет“ сличен на Таравари.
„Затоа, Таравари нека си ги обнови релациите со Филипче и Заев, и нека остане во друштво во кое најдобро се пронаоѓа. Ахмети ќе му најде место. А народот ќе си пресуди. Како што знае“, завршуваат од партијата.






