сабота, 12 јули 2025

ВМРО-ДПМНЕ со жестока реакција до СДСМ: Не зборувајте за понижување, вие ја доведовте државата на раб на банкрот

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавите од трибината на СДСМ, оценувајќи ги како лицемерни и недостојни за партија која, како што велат, ја донела државата во длабока политичка и економска криза во изминатите седум години.

Објавено на

часот

Сподели

„Лицемерно е СДС да зборува дека Македонија била понижена, бидејќи тоа што СДС го направи за 7 години на државата, ќе треба време да се исправи, но затоа имаме доверба од граѓаните да доведеме ред“, стои во реакцијата на партијата.

Партијата упати сериозни критики на сметка на економските политики на СДСМ, посочувајќи на зголемувањето на јавниот долг од 47% во 2017 на 65% во 2024 година. Обвинуваат и за финансиски малверзации од страна на поранешни функционери.

„СДС нека го прашаат Филипче и Заев, каде ги однесоа украдените пари од Буџетот и колку вложуваа во авиокомпании и висококатници во Дубаи? Со ВМРО-ДПМНЕ, македонската економија е 4-та во Европа, а платите се зголемуваат“, порачуваат од опозициската партија.

Во делот за земјоделството, обвинуваат дека во времето на СДСМ не се исплаќале субвенции и имало протести, додека, според нив, актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедила навремена исплата.

„Секојдневно на улиците имавме протести од незадоволни земјоделци… Со ВМРО-ДПМНЕ рекордни 9 милијарди денари исплатени субвенции од 2021 до 2024 година“, стои во соопштението.

За инфраструктурата и договорите со странски компании, ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека проектот Кичево-Охрид не напреднал доволно под водство на СДСМ.

„Во 2017 година, патот Кичево-Охрид беше 53% изработен, за сега по 7 години да биде доработен само за 10%, или скоро 1% годишно. Стратешкиот договор со ОК е јавен, транспарентен и достапен за јавноста“, наведуваат од партијата.

Критики следат и за образованието и здравството, каде ВМРО-ДПМНЕ директно го споменува поранешниот министер Венко Филипче и обвинува за трагични последици и тендерски злоупотреби.

„Партијата им ја води човек, поради кој изгоре болница во Тетово заради анекси од 20% да ги стави во џеб. За образованието навистина е дегутантно да се зборува. Учениците на први септември имаат учебници, во време на СДС не постоеја“, стои во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ вели и дека младите биле заборавени од СДСМ, додека новата влада веќе ги реализира ветувањата.

„Се реконструираат студентските домови, се градат нови факултети… а од септември – 250 евра за нов електронски уред за секој студент“, наведуваат тие.

Понатаму, во однос на правдата и безбедноста, се наведува дека под СДСМ се издавале пасоши на криминалци, а правосудниот систем работел под политички диктат.

„Судството кое треба да носи правда, е избрано од нивните тефтерчиња во Муртино… Судиите и обвинителите работат по насока од Бихаќка“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Во завршниот дел од реакцијата, од партијата посочуваат дека Владата под нивно водство сериозно инвестира во капитални проекти и ја гради државата.

„Македонија е големо градилиште… се работи на нови градинки, училишта, улици, патишта. Македонија се гради како никогаш до сега.“

За меѓународната политика, партијата со став дека СДСМ го срушил достоинството на државата, особено со Преспанскиот договор.

„Партија која смени име, смени Устав и не понижуваше на секакво поле во Европа, нема потреба да се коментира и требаше барем за ова да одмолчат и да се извинат.“

ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека нивната влада носи конкретни резултати и дела, наспроти како што велат, празните зборови и трибини на СДСМ:

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ја прави Македонија горда и повторно твоја. Со проекти и дела, не со соопштенија и прес-конференции.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ